СЕРЕС

СЕР(ЕС) – град во Егејскиот дел на Македонија, Грција, со 55.700 ж. (2002). Лежи на источниот раб на Серската Котлина, во подножјето на планината шарлија, на надморска височина од околу 50 м. Со меѓународниот пат Е–79 и со железничка линија е поврзан со Солун, од кој е оддалечен 140 км. Има променето средоземноморска клима. На запад од градот се шири богатото Серско Поле низ кое тече реката Струма. Во минатото бил населен со Македонци и Турци. Во периодот меѓу двете светски војни етничката структура на населението целосно е изменета. Најпрвин Турците се преселени во Турција, потоа Македонците во Пиринскиот дел на Македонија и во Бугарија, а на нивно место се доселени Грци од Мала Азија, Понд и Тракија. Денес, по Солун и Кавала, тој е најголем град во Егејскиот дел на Македонија. Сер(ес) е стар град со многу зачувани културно-историски споменици како Серската тврдина, црквата „Св. Никола“ и др. Во минатото бил и денес е центар за трговија со тутун, памук и жито, но има и развиена текстилна и прехранбена индустрија. Ал. Ст.