ПОПОВ

ПОПОВ(ИЌ), Темко (Охрид, 1855 – Охрид, 1929) – истакнат македонски „национален сепаратист“, а потоа соработник на српската пропаганда и политика. По Српско-бугарската војна (1885), група македонски дејци (Васил Карајовов, Наум Евров, Коста Групчев, Темко Попов, Исаија Мажовски, Ѓорѓија Пулевски и др.) во Софија формираат Македонски комитет за борба против денационализацијата на Македонија. Во тоа време во Софија анонимно е објавена брошурата „Српската пропаганда“, авторски помогната од Т. Попов и К. Групчев. Но за да обезбедат поддршка за реализација на својата национална програма се обраќаат до српската Влада и во почетокот на август 1886 г. во Белград доаѓаат Н. Евров, Т. Попов, К. Групчев и В. Карајовов и постигнуваат договор за соработка и помош, во кој се прифаќа барањето за обнова на Охридската архиепископија со своја хиерархија, со свои училишта и учители на македонски јазик (но со српската азбука) и да почне печатењето на весник и книшки на тој јазик, а сето тоа да има српска финансисика поддршка. Во следната година Темко станува економ во Солунската егзархиска гимназија и на 19. Ⅴ 1887 г. тој му ја поднесува на српскиот солунски конзул својата програма за поставување учители, објавување брошура и издавање весник на македонски во Солун или во Цариград под наслов „Македонија“ (или „Македонски лист“). Ги поттикнува учениците да бараат македонски јазик во наставата, а по нивниот бунт ги организира да заминат за продолжување на школувањето во Србија. Меѓутоа, на 9. Ⅴ 1888 г. му пишува на крушевчанецот во Врање Деспот Баџовиќ: „Нашето наречие, кога можело да диктира на дру—ите славјански наречиа, останало најсиромашко и, како питач, да спружит р’ка било на блгарското, било на српското, па и дури на руското!.. Вистина, нашево наречие, како најсходно со српското, требит од него да црпит оние речи кои —и немат у речникот си, но к’де ни је нашиот речник, к’де се нашите филолози кои да можеет да се завземеет со овој важен вопрос, т.ј. да ни составеет граматика и дру—и најнужни учебници, барем за основните училишта? НемајØи наши филолози, к’де се српските, кои знает нашево наречие и да сочинеет овие елементарни и неопходими кни—и со такво научно беспристрастие, штото тамо само да употребеет српски, вместо дополнителни, к’де не может да најдеет маØедонски речи, а не да се водеет од слеп патриотизам и вместо да составеет маØедонски учебници, да сочинеет чисто српски“. Затоа му се обраќа на пријателот: „да не се лажеме, Деспоте, националнијот дух у Ма-Øедонија до такво дередже денеска је стигнал, штото и сам Исус Христос ако слезит од небоно не может да го уверит МаØедонеца оти тој је б’лгарин или србин… После, от како ви—аме ние оти б’лгаризмот пропадат вака ужасно, можно ли је да се вервит на некаков успех за распространењето на друг, каков и да е тој, славјански јазик? Ја не вервам… Затоа ние, драги мој Деспоте, бефме зафатиле уште од лани и дори от олум-лани да препорачаме да се отворет маØедонски училишча… Најглавна работа је МаØедонија да се помаØедончит“. На 5. Ⅳ 1889 г. Т. П. ја конкретизира својата програма со барањата: да се назначат 12 македонски учители по главните градови во Македонија со предавање на македонски јазик, да се отвори македонско читалиште во Солун и да почне издавањето на еден македонски весник во Солун, а подоцна и во Цариград, за да се води „неопходната борба“ за „отцепување од Егзархијата и за спогодба со Патријаршијата, односно за решавање на црковно-македонското прашање“. Во тој дух (14 години пред „За македонцките работи“) тој го напишува и првиот сепаратен антиегзархиски трактат „Кој је крив“ на мисирковски македонски јазик со барање црквата во Македонија „да има узаконено право сама таа да си избира кандидати за митрополити измегју својите сограгјани и еднородци, а Патријаршијата само да ји ракоположује и да је нивни врховен духовен началник без да има власт да ји променује или сосем да ји отфрлја без саканје на народот“, додека „во смесените градој и паланки… на нашите општини да им се даде право да си имаат еден свештеник или архимандрит за извршуенје црковните обреди на мајчинијот ни јазик“. Следствено, „није можеме: прво, да имаме за брзо време наши народни владици и уредени училишта, без да имаме потреба од туги милости, зашто тешко и горко на оној народ, што чека својата душевна храна од туги раце и ја поверил на такви; и друго, со решујенјето на овој олку трнлив црковен вопрос, није ке добијеме доверије на правителството, ке кладеме крај на интригите надворешни и внатрешни и така ке живејеме премирно под таткоото крило на Негоо Императорско величество нашијот Господар Султан Абдул Хамид Ⅱ“. Овој значаен предмисирковски ракопис останува необјавен, зашто српската пропаганда сепак не можеше да допушти толкав компромис и постепено успеа и авторот да го вклучи во своите пазуви. Затоа, кога во 1905 г. издавачите на белградскиот в. „Автономна Македонија“ го поканија да се вклучи во нивната „автономистичка програма“, тој веќе беше драгоман во Српското пратеништво во Атина и наполно се стави во услуга на српските интереси, па животот го заврши како српски градоначалник на родниот град. ИЗВ. и ЛИТ.: Д-р Климент Џамбазовски, Културно-општествените врски на Македонците со Србија во текот на ⅩⅠⅩ век, Скопје, 1960, 161-171 и 190-194; истиот, Но-ви прилози за Македонското „сепаратистичко движење“, „Гласник“, ИНИ, Ⅷ, 2, Скопје, 1965, 241; истиот, Гра—а за историју македонског народа из Архива Србије, том Ⅳ, књига Ⅱ (1886-1887), Београд, 1986, 122-123, 173-175, 185-186, 190-194 и 212-217; истиот, Гра—а за историју македонског народа из Архива Србије, том Ⅳ, књига Ⅱ (1888-1889), Београд, 1987, 375-388 и 448-450; Д-р Блаже Ристовски, Крсте П. Мисирков (1874– 1926)…, Скопје, 1966, 51-58, 391 и 714-715; Христо Андоновски, Македонската програма на Темко Попов, „Нова Македонија“, Скопје, 30. Ⅳ и 1 и 2. Ⅴ 1967, 17; Трајко Стаматоски, Борба за македонски литературен јазик, Скопје, 1986, 94-102 и 225-241; Петар Карајанов, Христо Андоновски, Јован Павловски, Личности од Македонија, Скопје, 2002, 264. Бл. Р.