ОРО

ОРО – посебен вид игра, во фор-ма на синџир на меѓусебно поврзани играорци, што се движат по кружна, полукружна, спирална или змијовидна патека. Играорците се држат за рака, за појас, под рака или за рамо. Тоа е своевиден јавен собир, прилика и мес-то за играње. Ората имаат и свои имиња: „Велгошко оро“, „Машко оро“ или пак „Старо оро“. Во Македонија ората се играат на гајда, на тапани, само на тапан (пијанечкото оро „Копачка“), на шупелка, ќемене, тамбура, дудук, двојанка (слагарка) и дајре (жени од Дебарско). Во Дојран се играло и на музиката на свирче од трска, во Леринско на бурија (труба од кора од дрво). Мажите повеќе играле со придружба на инструмент, а жените на песна. Според полот, во традициската култура на Македонците ората се делат на машки, женски и мешани. Во зависност од социјалната положба, орото можело да биде составено од моми, невести, мажени жени, ергени, млади мажи или женети мажи. Вообичаено било девојките и немажените момци да играат во одвоени ора, додека женетите имале поголеми привилегии и играле во исто оро. Во женското оро обично се подредувале старици, па средовечни жени, невести, па девојки. Ив. О. Т.