Скопје

СКОПЈЕ – главен и најголем град во РМ, со 467.257 ж. (2002). Се наоѓа во Скопската Котлина, од двете страни на р. Вардар, на надморска височина помеѓу 220 и 400 м. Зафаќа површина од 7.820 ха.

Старо Скопје гравура

Има многу поволна сообраќајно-географска положба. Тој е гравитациски центар на целата држава. Од него водат современи патишта во повеќе правци, како: автопатиштата Скопје –Куманово, Скопје – Велес и Скопје –ТетовоГостивар, потоа, магистралниот пат Скопје–Блаце, како и регионалниот пат Скопје–КозјакМакедонски Брод.

Скопје пред земјотресот (1963)

Скопје е железнички сообраќаен јазол во Македонија, а кај Петровец постои и современ аеродром. Има умерено-континентална клима со просечна годишна температура на воздухот од 12,0°С и просечна годишна количина на врнежите од 502 мм. Скопје е стар град. Во античкиот период бил главен град на Дарданија. Под името Скупи Птоломеј го спомнува во Ⅱ в. од н.е. Тогаш градот лежел под Зајчев Рид помеѓу денешните населби Бардовци и Злокуќани. Во времето на Римјаните имал големо стратешко значење и во него била сместена седмата римска легија. Голема природна катастрофа Скупи го погодила во 518 г., кога било разурнато од земјотрес. Населението не ја обновило старата населба, туку на просторот меѓу Калето и Гази Баба од двете страни на р. Серава подигнало нова населба. Таа брзо се развивала, особено во времето на цар Јустинијан (527– 565), кога станала повеќеилјаден Офицерскиот дом во Скопје по земјотресот (1963) и добро уреден град. При крајот на Ⅶ в. (695) го зазеле Словените и му го дале името Скопје. Во времето на Самуиловата држава се спомнува како епископско седиште. Кон крајот на ⅩⅤⅠⅠⅠ в. (1282) влегува во состав на средновековната српска држава. Цар Душан го прогласува за своја престолнина и во него го донесува познатиот Душанов законик. Од 1392–1395 г. до 1912 г. е под власта на Турција. Во тој период градот добива турско-ориентално обележје. Стопански брзо се развива, особено во ⅩⅤⅠ и ⅩⅤⅠⅠ в., кога станува еден од најразвиените и најголемите градови во Европска Турција. Градот станува значаен занаетчиски и трговски центар. За сместување на трговците и нивната стока биле подигнати повеќе караван сараи и анови, како Куршумли-ан, Сули-ан, Капанан и др. Патеписецот Евлија Челебија Скопската чаршија ја споредува со онаа во Цариград. Во С. имало 12.000 куќи со околу 60.000 ж., потоа 2.150 дуќани, еден безистен, 70 јавни амами (бањи), 120 џамии, и повеќе беговски конаци и сараи. Трговските каравани редовно одржувале врски со Солун, со Белград и со Дубровник. Меѓутоа, во 1689 г., во времето на Австро-турската војна, градот доживува втора катастрофа, бил запален од страна на австрискиот генерал Пиколомини и наполно уништен. Населението го напуштило градот, при што едни (главно Турци) се населиле дури во Цариград, каде што го основале Ускуб маалото, а други (најголем дел Македонци) се придружиле на миграцискиот бран на Арсение Црноевиќ и се отселиле далеку на север во Панонската Низина. Од тие причини во текот на ⅩⅤⅠⅠⅠ в. градот опаднал, така што патеписецот Божур наведува дека имал само 5-6000 ж. Во ⅩⅠⅩ в. градот повторно почнува да се развива. Веќе во средината на векот станал голем трговски центар, а Хан забележил дека броел 20.800 ж. Меѓу двете светски војни С. бил административен центар на тогашната Вардарска бановина. Од бугарската и германската окупација е ослободен во 1944 г. Во него е прогласена првата народна влада на Федерална Македонија и Скопје станува нејзин главен град. Во 1963 г. градот ја доживува последната катастрофа. На 26 јули го погодил силен земјотрес, кој уништил 80% од станбениот фонд и загинале 1.070 ж. Благодарение на самопрегорот на своите жители и несебичната помош од цела Југославија, како и од ООН и од 87 земји од светот, С. било брзо обновено. Во текот на ⅩⅩ в. населението во градот, со мали прекини, е во постојан пораст. Така, во 1900 г. во него живееле 31.900 ж., во 1953 г. 124.476 ж., а во 2002 г. 467.257 ж. Покрај Македонците, чиј број, според последниот попис, изнесува 332.778 ж., во С. живеат и претставници на повеќе етнички заедници. Најголем број од нив се од албанската етничка заедница – 71.483 ж., потоа следуваат Ромите – 23.202 ж. па Србите – 14.251 ж., Турците – 8.549 ж., Бошњаците – 6.465 ж., Власите – 2.546 ж., а како останати се декларирале 7.983 ж. Сегашна панорама на Скопје Градот административно-територијално е поделен на 10 општини, кои зафаќаат вкупна површина од 57.146 ха, со 52 населени места, во кои живеат 506.962 ж. Поради својата погодна географска положба, бурното историско минато и големата населеност, С. денес претставува најразвиен стопански, културно-просветен и политички центар во РМ. Во него е концентрирана повеќе од една третина од индустријата во Републиката, тука од областа на црната металургија е Железарницата, од хемиската индустрија е „ОХИС“, од петрохемиската индустрија е Рафинеријата за нафта „ОКТА“, од фармацијата е „Алкалоид“, од неметалната индустрија е Фабриката за цемент „УСЈЕ“ и др. С. е седиште и на бројни политички, општествени, културно-просветни и здравствени институции, како: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, МАНУ, повеќе научни институции и музеи, како: Музеј на Македонија – Археолошки, Етнолошки и Историски, Природонаучен музеј, Музеј на Град Скопје, Музеј на Старата скопска чаршија, Музеј на современата уметност, неколку уметнички галерии, театри и библиотеки. Од богатиот историско-урбан развиток на градот, а како сведоштво од културното минато, се зачувани низа значајни културно-историски споменици: античкиот град Скупи, Кале-то, Камениот Мост, Аквадуктот, црквата „Св. Спас“, повеќе џамии, Старата чаршија и бројни споменици од НОБ. Во околината на С. постојат исто така повеќе културно-историски споменици, меѓу кои позначајни се: „Св. Пантелејмон“ во с. Нерези (1164), Марковиот манастир јужно од с. Сушица, манастирот „Св. Никита“ кај с. Бањани, манастирот „Св. Андреј“ на брегот на езерото Матка, манастирската црква „Св. Архангел и Гаврил“ над с. Кучевиште, црквата „Св. Никола“ во с. Љуботен и др. ЛИТ. : Јован Хаџи Васиљеви¢, Скопље и његова околина, Београд 1930; Антоние Николовски, Димитар ќорнаков, Коста Балабанов, Споменици на културата во НР Македонија, Скопје 1961; Митко Панов, Скопје, Географски видик, бр.1, Скопје 1970; Ристо Галиќ, Тихомир Арсовски, Скопје 1963-1973, Скопје 1973; Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 – кн. Џ, ДСЗ, Скопје 2004. Ал. Ст. „СКОПЈЕ“, ИСЕЛЕНИЧКИ КЛУБ