ОХИС

„ОХИС“ – Скопје – првенец на органско-хемиската индустрија во производството на пластични маси и производи од нив (влакна, цевки, фолии), детергенти и козметика, базни хемикалии, средства за заштита на растенијата, бои, лакови и друго. Инвестиција од 1958 г., граден е од 1960 г., како две соседни фабрики Електрохемиски комбинат „Билјана“ и Фабрика „Ацетиленка“. Погоните (вкупно 18) се пуштани во работа од 1962 до 1965 г. По кратка самостојна работа „Ацетиленка“ и „Билјана“ се интегрирани и од 1964 г. работат како Органско-хемиска индустрија „Наум Наумовски–Борче“, а потоа под скратеното име „ОХИС“ – Скопје. Во 1970 г. во соработка со француската фирма „Рхоне Пуленц“ почнува производство на поливинилхлорид. Во 1973 г. во кооперација е изградена и Фабриката за полиестерско влакно „Хемтекс“. Соосновач е и на Рафинеријата за нафта (денешна „Окта“) во Миладиновци, на Фабриката за безалкално влакно „ГЕС“ – Гостивар, „Адинг“ – Скопје, Фабрика за лекови и др. Во 1990 е делумно приватизиран и работи како акционерско друштво. „ОХИС“ бил лидер на хемиската индустрија во РМ, но е заслужен и за текстилната, за градежната и за други индустрии, како и за земјоделството и други дејности. Произведува хемиски влакна („малон“) и безалкално стаклено влакно; ПВЦПЛАСТИКА (прашок, емулзии, суспензии и готови производи: цевки, фолии, адитиви и помошни средства за градежништвото); базни хемикалии: хлор, хлороводородна киселина и други хлорирани производи, натриумхидроксид и водено стакло; површинско активни средства: течни и детергенти во прав; козметика: парфеми, колонски води, шампони и пасти; лекови; пестициди; процесна опрема и друго. Повеќе погони престанале да работат поради економски, еколошки (на пр., загадување со жива, хлор и хлорирани органски соединенија како хексахлорциклохексан) или други причини. Св. Х. Ј. Хрељовата кула во Рилскиот манастир