ТЕКСТИЛНА ИНДУСТРИЈА

ТЕКСТИЛНА ИНДУСТРИЈА – една од најзастапените индустрии за производство и преработка на текстилни материјали во РМ. Има значајна улога во развојот на македонското стопанство во последните педесетина години. Во СФРЈ Македонија била регион за развој на текстилниот сектор, со капацитети наменети за југословенскиот пазар и пошироко. Транзицискиот период донесе проблеми поради затворањето на големите компании за производство на хемиски влакна (ОХИС, ХЕМТЕКС) како суровинска база и губење на традиционалните извозни пазари. Сепак, со преструктуирањето оваа дејност стана индустриска гранка со значителен економски и извозен потенцијал. Во големиот број помали компании работат околу 40.000 вработени, пред с“ во конфекцијата, што претставува 25% од вработените во индустријата. Компаниите се најчесто во приватна сопственост, во некои и со странски вложувања (главно грчки и холандски капитал). Во базното текстилно производство најпознати се а.д. „Тетекс“ – Тетово (за волнен тип производи), „Ветекс“ Велес (за памучна преѓа). Современите стратегии се базираат на одржување висок квалитет со конкурентни цени, навремени испораки и почитување на договорените спецификации, соодветна амбалажа и познавање на условите за плаќање. Се вложува во осовременувањето со примена на компјутеризирани машини и со воведување системи за брзо и ефикасно производство, со загарантиран висок квалитет на производите. Една третина од македонскиот извоз отпаѓа на конфекциските и други производи, пред с“ во ЕУ, во САД и др. Св. Х. Ј. – К. Љ.