„СВЕТИ ЈОВАН БИГОРСКИ“

„СВЕТИ ЈОВАН БИГОРСКИ“
манастир во долината на р. Радика, во близина на с. Ростуше, познат како Бигорски манастир. Се претпоставува дека е основан во Ⅺ в., кога во овој регион се зајакнува и се шири дејноста на монасите. Не се откриени материјални траги од тој најран период. Најстариот помен на манастирот се наоѓа во Поменикот на светогорскиот манастир „Зограф“ (првата половина на ⅩⅤⅠ в.). Во тој период во манастирот се препишуваат старословенските книги: Четвороевангелие, Златоуст и Дионисиј. Во зачуваниот Поменик на Бигорскиот манастир се вели дека во 1743 г. јеромонахот Иларион на ова место затекнал „мала и сиромашна црква“, за која купил неколку ниви, лозја и изградил неколку монашки ќелии. По Иларион, игумен на манастирот станал Трифилиј, а по него доаѓаат Хаџи Терасиј и ѓаконот Стефан. Од текстот испишан врз две мермерни плочи се дознава дека во 1795 г. малата црква била урната и на нејзиното место била изградена поголема црква. За изградбата на оваа црква, покрај другите, финансиска помош дал и папуџијата Велјан од Дебар. Денес постојат многу докази за постоењето на оваа црква. Откриен е нејзиниот јужен ѕид со зачуван фрескоживопис. Црквата била обновена во 1800 г., во времето на игуменот Митрофан. Таа има облик на слободен крст во внатрешноста, со голема купола над наосот и со помала купола над западниот травеј. Фрескоживописот во централната купола на црквата веројатно е дело на елбасански или корчански сликари. По смртта на игуменот Митрофан (1807), должноста ја презема архимандритот Арсениј, роден во Галичник, кој многу се залага за манастирот, така што тој станува сè поголем и побогат. Во 1814 г. започнува изградбата на големиот конак, а неколку години подоцна (1820) и на најрепрезентативната зграда на трпезаријата (на два ката). Подоцна бил изграден уште еден голем објект од конаците, со што бил заокружен еден од најголемите манастирски комплекси во Македонија. Во времето на игуменот Арсениј, настанала и една од најзначајните копаничарски творби – иконостасот на црквата на Бигорскиот манастир, дело на копаничарската тајфа предводена од Петре Филиповски-Гарката, од с. Гари, и од Макарие Фрчковски. Иконостасот бил завршен во 1835 г. Престолните и малите празнични икони за овој иконостас ги работеле зографите: Михаил (од с. Самарина), Епир и неговиот син Данаил, кој се замонашил и до крајот на својот живот останал во Бигорскиот манастир. Според своите димензии, совршенството на занаетчиската изведба и високите ликовни квалитети, овие икони спаѓаат во редот на најдобро насликаните дела во творештвото на зографите од периодот на ⅩⅠⅩ в. во Македонија.

ЛИТ.: К. Балабанов – А. Николовски – Д. ќорнаков, Споменици на културата на Македонија, Скопје, 1980; Манастир „Св. Јован Бигорски“ (Зборник трудови), „Културно-историско наследство на РМ“, ЏЏЏИИ, Скопје, 1994; К. Балабанов, Благо на путевима Југославије, Београд, 1983. К. Б.