СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ

СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ
(1903) – динамитни акции во Солун, изведени од млади македонски револуционери – гемиџии за да го свртат вниманието на Европа кон состојбата во Македонија под власта на Османлиската Империја. Во групата гемиџии биле: Славе Мерџанов, Петар Манџуков, Јордан Поп Јорданов (Орце), Константин Кирков, Тодор Богданов, Илија Трчков, Владимир Пингов, Тодор Органџиев, Димитар Мечев, Георги Богданов, Милан Арсов, Павел шатев и Марко Бошњаков. Материјално биле поддржувани од Борис Сарафов и од Гоце Делчев. Во план било и уривање на Отоманската банка
Судењето на солунските атентатори (1903)
во Цариград и во Солун. По откривањето на каналот во Цари-град (1901), целосно се концентрирале на Солун. Извршиле атентати (15/28 и 16/29. Ⅳ 1903) и биле уништени францускиот параброд „Гвадилкивир“, мостот во Солун под кој минувале водоводот и гасоводот за градското осветлување и Отоманската банка. Бомби биле фрлени во кафеаните „Египет“, „Алхамбра“ и „Ноњо“. Не успеала акцијата за уништување на Поштата и атентатот за ликвидирање на солунскиот валија. При изведувањето на атентатите настрадале само неколку цивили. Во Солун бил воведен полициски час. Војската и полицијата извршиле масакр врз христијанското население (над стотина убиени). Масакрот престанал по интервенцијата со впловувањето на странски воени бродови во Солунското пристаниште. Во борбата со војската и со полицијата некои од атентаторите загинале, а други се самоубиле. Преживеаните П. шатев, Г. Богданов, М. Арсов и М. Бошњаков биле осудени на смрт, а подоцна казната им била заменета со доживотно заточение. На заточение биле спроведени во Фезан во Африка (мај 1906), каде што умреле М. Арсов и М. Бошњаков. По Младотурската револуција П. шатев и Г. Богданов биле амнестирани.

ЛИТ.: Крсте Битоски, Солунските атентати, Скопје, 1985. В. Ѓ.

Напишете коментар