ОДГЛЕДУВАЊЕ НА ШУМИТЕ

ОДГЛЕДУВАЊЕ НА ШУМИТЕ
– гранка на шумарството која, врз основа на природните фактори на производството, ги подига, ги одгледува, ги оформува, ги искористува и ги обновува шумските насади во согласност со потребите и
можностите на стопанството. Нејзина задача е, во согласност со Општиот државен план за стопанисување со шумите, плански, рационално и што покомплетно да ги задоволи потребите на општеството со предвидените сортименти дрво, а притоа да ја одржува, да ја подобрува и да ја проширува посредната улога на шумите (заштита на почвите и на водите, подобрување на климата, развој на туризмот, рекреацијата) и др. Основната цел на одгледувањето на шумите и воопшто на стопанисувањето со нив е да се произведува трајно и економично што повеќе потребна и квалитетна дрвна маса. Развојот на одгледувањето на шумите бил бавен процес. Денес се изведува според подготвен План за одгледување во рамките на Посебниот план за стопанисување со шумите. Одгледувањето на шумите се состои од два дела: научна основа и примена. Научната основа ја сочинуваат екологијата, биологијата на дрвјата, фитоценологијата, генетиката и, како најважна, биогеоценологијата на шумата. Примената се врши по определени методи, а се остварува со рационална техника на работење. Ал. Анд.