НОВА МАКЕДОНИЈА“

НОВА МАКЕДОНИЈА“ – прв дневен весник на македонски јазик установен како „државен орган-весник“ со Решение на Президиумот на АСНОМ од 2–5 септември 1944 г. Во текот на подготовките, во с. Г. Врановци се појавил претходникот на весникот „Наша хроника“ со 11 броја (30 септември – 20 октомври). Првиот број на „Нова Македонија“ носи датум 29 октомври 1944 г. Отпечатен бил во илегално дислоциран дел на скопската печатница „Гоце Делчев“ во Г. Врановци. Редактор Васил Ивановски. Вториот број бил отпечатен во Битола, а од третиот (22 ноември) се печати и излегува во Скопје. Го подготвувала Агитационо-пропагандната комисија на ЦК на КПМ на чело со Веселинка Малинска. Во првото редакциско јадро биле и уредниците Дејан Алексиќ и Васил Ивановски, репортерите Анѓа Веиновиќ (Џувалековска), Драгољуб Будимовски, Иван Точко, карикатуристот Василие Поповиќ-Цицо и Блаже Конески со членови на Одделението на АГИТПРОП за превод и редактирање. Како врсник, сведок и хроничар, одејќи во чекор со државноста, настаните и развојот, весникот одиграл голема улога во афирмирањето на националното достоинство на македонскиот народ и неговиот идентитет. По ликвидацијата, во декември 2003 г. брендот на „Нова Македонија“ го откупил Зоран Николовски, в.д. главен и одговорен уредник Александар Димковски. Потоа како издавач се јавува „НИК Нова принт“, директор Ратко С. Лазаревиќ, главен уредник Александар Дамовски, а одговорен уредник Зоран Андоновски. Б. П. Ѓ.

Напишете коментар