МИТРЕВ, Димитар Анастасов

МИТРЕВ, Димитар Анастасов
(Деде-Агач, Грција, 14. Х 1919 – Охрид, 24. Ⅱ 1976) – литературен критичар и теоретичар, универзитетски професор, антологичар, полемичар и историограф. Основно образование и прогимназија завршил во Трговиште, а гимназиско во шумен (Бугарија). Во Софија се запишува на студии по право. Високото образование го завршува по доаѓањето во Македонија на Филозофскиот факултет во Скопје (на Групата по филозофија). Како гимназијалец, а потоа и како студент, учествува во работата на илегалните марксистичко-ленинистички кружоци во Бугарија и е активист на македонските емигрантски движења. Член е на Македонскиот литературен кружок во Софија (1939–1942). Заедно со Никола Ј. Вапцаров е соработник и редактор на прогресивниот неделен весник „Литературен критик“ (1941). Член е на БКП (1941), а од септември 1944 г. е член на КПМ. Учествува во НОБ во бригадата „Гоце Делчев“ (септември 1944). Работи во Агитпроп на Брегалничко-струмичкиот корпус и го уредува органот на Народноослободителниот фронт во Штип
„Брегалнички глас“ (1944–1945). Се преселува во Скопје и работи како уредник на Културната рубрика на в. „Нова Македонија“ (крајот на 1945–1947). Ја завршува Новинарската школа во Белград (1946) и се занимава со уредувачка работа во разни весници и списанија („Единство“, „Нова Македонија“, „Нов ден“, „Современост“). Помошник-директор е на Радио Скопје (1948–1950). Ги извршувал и функциите член на Врховниот суд (1945) и помошник-јавен обвинител (втората половина на 1946 до пролетта на 1947). Како редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје предава теорија на литературата. Бил декан на Филозофскиот факултет (1959–1963) и ректор на Скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (1974–1976). Редовен член на МАНУ е од основањето (18.Ⅵ – Ⅱ 1967). Еден е од основоположниците и неколку пати претседател на ДПМ. Бил и член на Сојузната управа на Друштвото на писателите на Југославија, како и претседател на Сојузот на славистичките друштва на Југославија (1961–1963), член на Националниот комитет на југословенските слависти, потпретседател на Југословенскиот одбор на Меѓународниот компаратистички конгрес и член на Редакцијата за историја на југословенските книжевности. Бил член на Институтот за национална историја и на Редакцијата на Историјата на македонскиот народ (1969). Д. М. е книжевен критичар со конзистентен реалистичен став. Ја брани доследно универзалноста на поетиката на реализмот и ги воспоставува базичните одредници на новиот креативен реализам, а со тоа и на книжевната критика заснована врз неговите начела. Тој е и еден од нашите најбележити историски мислители. Напиша значајни страници за некои клучни настани и личности од македонската политичка и културна историја. Добитник е на бројни државни и меѓународни награди и признанија.
ДЕЛА: Пиринска Македонија во борба за национално ослободување (1950); Вапцаров (хабилитационен труд, 1954); Критериум и догма (1956); Минато и литература (1958); Б.К.П. и Пиринска Македонија (1960); Огледи и критики (1969); Избрани дела во 7 тома (1970); Антологии: Антологија на македонската лирика (со Б.Конески, 1951); Повоени македонски по
ети (1960); Антологија на македонската револуционерна поезија (1974); Антологија савремене македонске поезије (1977).
ЛИТ.: Димитар Митрев, Чин и дело, Приредил Миодраг Друговац. Ск., 1981; Георги Старделов, Македонска книжевност,
8. Светови, Ск., 2000; Димитар Митрев,
Живо дело. Избор, приредување и предговор Катица ќулавкова, Ск., 2004. Г. Ст.

Димко Митрев