МИКРОЕКОНОМИЈА –

МИКРОЕКОНОМИЈА – дел од економската наука што го изучува однесувањето на поединечната фирма, на потрошувачите и на одделните економски сектори во економскиот живот. Микроекономската наука во Македонија се развива по педесеттите години на минатиот век. Основоположници на микроекономската наука кај нас се македонски економисти што своето факултетско образование го стекнале во странски универзитетски центри, а потоа се вработиле како професори на Економскиот факултет во Скопје. Доајени во микроекономската наука ориентирана на испитување на проблемите на претпријатијата (економика и организација на претпријатијата, анализа на билансите на претпријатијата и специјални книговодства) се сега починатите професори Кочо Аџи Митрески (дипломирал на Државниот факултет за комерцијални науки во Анверс, Белгија), Тодор Стојановиќ (дипломирал економски науки во Виена и правни науки во Белград) и Ѓорѓи Николовски (дипломирал комерцијално-финансиски науки во Лиеж – Белгија), кои до своето пензионирање работеа на Економскиот факултет во Скопје. Во историјата на Економскиот факултет во Скопје, во сите наставни планови на редовните и постдипломските студии, микроекономските дисциплини се широко застапени, т.е. доминираат бизнис-насоките. Слична е состојбата и на Економскиот факултет во Прилеп, а и на новонастанатите економски факултети во земјата. Меѓу редовните универзитетски професори, кои дале особен придонес во развојот на одделните области на микроекономската наука, посебно треба да се спомнат: Слободан Марковски (теорија на трошоци – неговите учебници од оваа об-ласт беа општојугословенски); Јован Стојановски и Олга Теменугова-Градишка (микроекономска теорија); Никола Кљусев, Методија Несторовски и Гоце Петрески, Божо Герамитчиоски (теорија, политика и економика на инвестициите); Славко Чуковиќ, Ефтим Бојаџиевски (предаваше економика на аграрните претпријатија и беше експерт во ООН), Синиша Спасов, Душан Петковски, Љупчо Аџи Митрески, Вера Талеска, Димитар Бојаџиоски, Благоја Ѓорѓиоски (економика и организација на претпријатијата); Круме Михајлов и Бобек шуклев (деловно планирање и менаџмент); Таки Фити (претприемништво); Тодор Мировски, Слободан Марковски, Серафим Томовски, Блажо Недев, Трајко Русевски, Методија Конески (сметководство); Бошко Јаќовски, Нада Секулова, Снежана Ристеска (маркетинг); Гордана Трајкоска (финансии); Добри Додевски (индустрија и технички прогрес). ИЗВ.: 50 години Економски факултет – Скопје, Скопје, 2000; Интерни материјали од другите соодветни институции. Т. Ф. – М. С. „