МЕЗОЗОИК –

МЕЗОЗОИК – средно геолошко раздобје што траело околу 185 млн. години (250–65 млн.г.) и е поделено на тријаски, јурски и креден период. Во Македонија е развиен претежно во Западномакедонската и во Вардарската зона, а со помали маси и во Српско-македонскиот масив, со тријаски, јурски и кредни карпести комплекси. Тријас е широко распространет, пред сè во Западномакедонската зона, а помалку во Вардарската зона, каде што е составен со базални конгломерати, песочници, глинци и варовници, со максимална дебелина до 650–700 м. Јурскиот период доминантно е развиен во Вардарската зона и е претставен со повеќе остатоци од некогашната континуирана и широко распространета океанска кора, изградена од долно ниво на габрови, базалти, спилит-пилолави и горно ниво од конгломерати, песочници, глинци и варовници, претежно лоцирани меѓу Демир КапијаГевгелија, на Скопска Црна Гора, на Клепа (Велешко) и др. Тие се пробиени со горно-јурски гранитоиди. Вулканско-седиментни карпи се развиени и на пределите на Кораб, Дешат и Јабланица. Кредниот период е развиен со флишни и карбонатни седименти во Вардарската зона со дебелина до 4.500 м, а со мала маса од песочници, варовници и анхидрит во Цукали-Краста зоната кај Дебар. Н. Дум.