МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН СОЈУЗ ВО САД И КАНАДА

МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН СОЈУЗ ВО САД И КАНАДА
(1931–1967, Гери, Индијана) – организација на македонската национално ориентирана емиграција во САД и Канада. Под влијание на ВМРО(Обединета) во САД и Канада од 1929 до 1930 г. во повеќе градови се формираат македонски прогресивни групи како пандан на постојната МПО. Во 1930 г. била одржана конференција во Толедо (Охајо, САД) на која биле донесени неколку резолуции за понатамошното дејствување. Во април 1931 г. бил одржан обединувачкиот конгрес во Гери (Индијана) со учество на претставници од 36 македонски групи од САД и Канада. Конгресот го донесол Уставот на Сојузот. За основна цел на МАНС било утврдено да ја помага со сите сили и средства борбата на својот поробен и распарчен народ за ослободување и обединување на Македонија во независна народна република и за нејзино вклучување како рамноправен член во идната балканска федерација на слободните балкански народи. Влијанието на МАНС се проширило во сите позначајни средини каде што живееле Македонци. Во времето на Втората светска војна МАНС зел активно учество со давање помош на сојузниците и на Македонија. МАНС ја информирала македонската емиграција за настаните во татковината; за одржувањето на Првото заседание на АСНОМ и за конституирањето на македонската национална држава. По ослободувањето на Македонија емиграцијата организирана во МАНС се вклучила во давањето помош за изградба на Државната болница во Скопје. Во повоениот период МАНС својата дејност ја прошири и во Австралија. Во 1967 г. организацијата престана да постои.
ЛИТ.: „Гласник на ИНИ“, г. 15, бр. 1, Скопје, 1971. М. Мих.