МАКЕДОНСКИЈ ГОЛОСÎ

„МАКЕДОНСКИЈ ГОЛОСÎ (МАКЕДОНСКИ ГЛАС)“ (С.-Петербург, 9. Ⅵ 1913 – Петроград, 20. Ⅺ 1914) – „Орган на приврзаниците на независна Македонија“. Списанието го уредува Редакциски совет на Македонската колонија во руската престолнина. Издавач Д. Д. Павле-Чуповски, а одговорен редактор И. П. Кулезнев (во последните два броја Д. Д. Архангелски). Најавено е дека ќе излегува „од еднаш до петпати во месецот“, но се појавуваат само 11 броја на вкупно 220 страници, со Насловната страница на првиот број на сп. „Македонскиј голосÍ (Македонски глас)“, 1913 зборовите на Б. Сарафов како мо-то под насловот на корицата: „Ние Македонците не сме ни Срби ни Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние им сочувствуваме и на едните и на другите, и на Бугарите и на Србите: кој ќе го помогне нашето ослободување, нему ќе му речеме благодарам, но Бугарите и Србите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците“. Во списанието, покрај Македонци, соработуваат и голем број Руси и балканци, а се публикуваат и бројни официјални акти (меморандуми, апели и соопштенија) на Македонската колонија во Петроград, потпишани од Д. Чуповски, д-р Г. Константинович, Н. Димов, Г. А. Георгов, И. Г. Георгов, П. Божидарски, Гр. Н. Угриновски, Д. Пешковски, Г. А. Стојанов, К. Георгиев и др. Тоа е всушност најзначајниот печатен архив на македонската национална мисла во периодот на Балканските војни и почетокот на Првата светска војна за одбрана на целоста на Македонија и слободата и обединувањето на македонскиот народ. По барање на Српската легација во С.-Петербург списанието е привремено запрено по бројот 8 (22. ⅩⅠⅠ 1913). Со ново решение на Градоначалството (1. Ⅱ 1914) се дозволува продолжувањето, но и по следниот бр. 9 (2. Ⅲ 1914), по петмесечна пауза, се објавени само уште два броја. Бидејќи публикацијата во големи тиражи продира и на Балканот, под притисок од балканските монархии, списанието е конечно запрено, иако Редакцијата постои и потпишува свои изданија и во 1915 и 1917 г., а Организационото биро на МРК програмира негово продолжување и по 1924 г. ИЗВ.: „МакедонскиŸ ГолосÍ (Македонски глас)“. ОрганÍ сторонниковÍ независимоŸ Македонии. С.-ПетербургÍ, И, 1, 9 ИÓня 1913 – ПетроградÍ, 20 Ноября 1914; Македонски глас (Македонскиÿ голосÍ). Орган на приврзаниците на независна Македонија 1913–1914. Фототипно издание, ИНИ, Скопје, 1968. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Димитрија Чуповски (1878–1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград, Ⅱ, Скопје, 1978; истиот, Столетија на македонската свест. Истражувања за културно-националниот развиток, Скопје, 2001, 486–530. Бл. Р.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *