ДИДАКТИКА

ДИДАКТИКА -. педагошка научна досциплина што се занимава со образованието и наставата како негов најорганизиран дел. Чешкиот педагог Ј. А. Коменски (1592–1670), кој се смета за основач, на дидактиката $ придавал универзално значење, сметајќи ја за вештина на поучувањето. Во Македонија првите систематизирани дидактички сознанија се наоѓаат во познатото дело на Јосиф Ковачев (в.) „школска педагогија”. Меѓу двете светски војни доминирала Хербартовската дидактика и покрај некои обиди за внесување реформски опции. По Ослободувањето, дидактиката како научна и наставна дисциплина во македонскиот образовен систем се развива во духот на југословенската концепција, главно врз делата (учебниците) на автори од хрватското и српското јазично подрачје (В. Пољак, Ј. Ѓорѓевиќ, М. Баковлев, Р. Ничковиќ и др.). Во Македонија кон дидактичката проблематика посебен интерес пројавуваат (в.) Анатоли Дамјановски, Благородна Лакинска, Снежана Адамчевска, Вера Стојановска и др. Нивните проучувања се однесуваат за одделни прашања или аспекти поврзани со организацијата, содржината, принципите, формите и методите на наставата и образованието. Дидактиката како научна и наставна дисциплина денес се изучува и се развива на Филозофскиот и на педагошките факултети. Во рамките на дидактичката проблематика како научни дисциплини се конституирани посебни методики на наставата што ги проучуваат законитостите на воспитанието и образованието во рамките на еден наставен предмет. Методиката претставува синтеза на педагошко-дидактички принципи и сознанија за конкретна научна об-ласт, трансформирана во наставен предмет. Методички сознанија (претежно од практичен карактер), се среќаваат кај македонските учители во времето на Преродбата, посебно кај Јордан Хаџи-Костантинов-Џинот и Димитрија Миладинов. Во „школската педагогија” (в.) Ј. Ковачев првпат на систематизиран начин, разгледува повеќе прашања поврзани со целите, задачите, содржините и методите на наставата на одделните наставни предмети. Во современиот образовен систем кај нас најразвиени се методиките на наставата во основното училиште. Речиси не постои наставен предмет за кој нема изработено методски прирачник или учебник. Познати методичари во областа на одделенската настава се: (в.) Чедомир Поповиќ, Ѓорѓи Делечев, Снежана Адамчевска, Атанас Николовски, Јелица Николовска, Душко Ачовски, Авзи Мустафа, Марија Тофовиќ и др. ЛИТ.: Ј. Ковачев, школска педагогија, Солун, 1873; Филозофски факултет: 1946–1996, Скопје, 1996, 41–55. К. Камб. Мак Диздар