ДВИЖЕЊЕ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ И ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА ДООМ

ДВИЖЕЊЕ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ И ОБЕДИНУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА – ДООМ (1962-1984) – емигрантска македонска организација. Во шведска (1962) бил основан Ослободителен комитет на Македонија со цел да се создаде семакедонско национално движење за обединување на Македонија во самостојна македонска држава. На Вонредниот конгрес во Копенхаген (1971) била донесена одлука за издавање официјален орган – весникот „Македонска нација”. Потоа бил одржан редовен Конгрес во Бремен, Германија (1972) на кој Организацијата на ОКМ го сменила името во Движење за обединување на Македонја (ДОМ). Движењето ја проширило организацијата во Европа (Данска, шведска, Германија, Австрија, Франција, Белгија) и во прекуокеанските земји (Австралија, САД и Канада). На Општиот конгрес во Минхен (1974), со учество на делегати од Европа и од прекуокеанските земји, името било модифицирано во Движење за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) и била усвоена нова Политичка платформа. Движењето се сообразило со постојната реалност и декларирало: извојување поголема независност на СРМ во СФРЈ; признавање на националната посебност на македонскиот народ во Пиринскиот дел на Македонија и создавање Македонска Социјалистичка Република во рамките на НР Бугарија; во Егејскиот дел на Македонија признавање на националните права на македонскиот народ, враќање на протераните Македонци и создавање Македонска Република, како етапа до создавањето услови за обединување во единствена независна македонска држава. НаⅤконгрес (1984) била усвоена одлука за преименување во Народноослободителен фронт на Македонија, а со Спогодба со неколку други политички организации се слеале во единствен НОФМ (1986). ЛИТ.: Иван Катарџиев, Македонската политичка емиграција по Втората светска војна, Скопје, 1994. М. Мин.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *