ДАУТИЦА

Планината Даутица се наоѓа во средишниот дел на Македонија и претставува пределна граница помеѓу Пелагонија и Прилепското поле на исток, Порече на запад и долината на Бабуна во Велешко на североисток. Таа претставува единствена и крајна јужна огранка на најголемиот македонски планински масив Мокра или Јакупица. Се протега по речиси меридијански правец север-југ со мало отклонување и завртување кон исток. Даутица започнува да се протега од пределот Перчулица висок 2423 метри кој се наоѓа под местноста Солунско Поле веднаш под Солунска Глава кој е највисокиот врв на целиот планински масив на Мокра. Продолжува да се протега во јужен правец снижувајќи се до врвот Јалоарник (1685 м.н.в.) од каде што кон исток се разгранува највисокиот врв Даутица (2178 м.н.в.) и врвот Плавник (2126 м.н.в.) на пределот Куртовица. Од врвот Јалоарник планинскиот срт и било продолжува да се протега на југ кон врвовите Момина Чука (1569 м.н.в.) и Чардак (1652 м.н.в.) од каде што се искачува до најиздадениот планински врв на нејзиното било, Бел Камен кој е висок 2074 метри. Оттука продолжува кон југ со мало свртување кон исток спуштајќи се по врвовите Клепало (1624 м.н.в.), Јалорник (1453 м.н.в.) и Баби (1275 м.н.в.) над Зрзевскиот манастир „Св. Преображение“ сѐ до Прилепското Поле во Пелагонија. Даутица е планина со варовнички состав на карпите поради што таа изобилува со многу силни, издашни и бистри извори на вода какви што се: Беличките над с.Белица, Плавник, Бела Вода, Китановски Извор, Чавкарник, Стеванов Извор, силниот извор Врело над манастирот во Зрзе и др. На нејзините падини има и повеќе пештери меѓу кои и најпознатите Змејовица (над Крапа), Пешна, Гулабарница, Јаловарник и др. Падините за застапени со густа дабова шума, а во помала мерка и буки, бор и нискостеблести грмушки. Билото под сртот е богато со пасишта.