ВОСТАНИЕ НА АНДРИСК

(149/8 г.) – востание против римската власт во Македонија. Го предводел Андриск, од непознато потекло, кој дошол од Азија. Се претставувал како Филип, синот на македонскиот крал Персеј, па затоа е наречен и лажниот Филип. Востанието, кое го подржале и Тракијците, зело широки размери. По двете победи над Римјаните кај реката Струма (149), Андриск во Пела се прогласил за крал. Во решавачката битка, командантот на македонската коњаница преминал на страната на Римјаните, кои им нанеле катастрофален пораз на востаниците (148). Андриск, предаден од Тракијците, бил одведен во заробеништво во Рим. По задушувањето на Востанието, Македонија била претворена во римска провинција (148). ЛИТ.: Н. Проева, Студии за античките Македонци, Скопје, 1997. К. Аџ.