ВИТАМИНКА А.Д. – Прилеп

„ВИТАМИНКА” А.Д. – Прилеп – успешна прехранбена индустрија. Основана е во 1956 г. за производство на црвен пипер од индустриски пиперки, произведени во регионот. Производството пласманот се олеснети во 1974 г. кога се почнало со пакување и на други прехранбени производи, како сода бикарбона и црн пипер. Производството се омасовува и се освојуваат пазарите во СФРЈ и во други земји. Истовремено се отвораат фирми во Германија, Словачка, Бугарија и во Србија. Во 1991 г. е остварен рекорден приход, а бројот на вработените достигнува 440. По распадот на СФРЈ и турбуленциите во регионот, фирмите во странство згаснуваат, а бројот на вработените се намалува. Во 1999 г. асортиманот повторно се проширува со производство на чоколади и чоколадни производи. Приватизацијата е завршена од 1995 г. кога се создава акционерско друштво. Денес има дислоцирани погони и широка производствена програма. Извезува на сите континенти. Св. Х. Ј.