ВАСИЛИЦА

Василичари

ВАСИЛИЦА (СУРОВА) – христијански празник (1/14 јануари). На овој ден православните христијани празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и православна Нова година. Го празнуваат и Ромите муслимани и Ромите христијани, како и Власите (вл. Аѕиу Васил). Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј, овој празник во народот најчесто е познат како Василица. Се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус с” уште не бил крстен. Се верува дека овие денови се опасни за луѓето, бидејќи тогаш умрените се во движење (разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили).

За заштита од демоните, се избегнуваат некои потешки работи и се изведуваат разни заштитни магиски дејства и драмски игри на маскирани дружини: во Охридско – василичари, во Битолско – бабари, во Скопско и Тиквешијата – џамалари, во Разлошко – сурваскаре, во Костурско – ешкари итн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови, сепак таа најчесто е поврзана со празникот Василица. Подготовките за празнување започнуваат многу порано – набавуваат прибор за маскирање, предмети за тропање и правење врева (ѕвонци, клопотарци, тенеќиња, тенџериња…), но и музички инструменти (гајди, кавали, тапани и сл.). Со овие реквизити се создава голема врева, која има за цел да создаде весела атмосфера, но и да ги заплаши и избрка лошите духови. Обичаите што притоа ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма, со точно определени улоги на учесниците, со маскирање, со постојани дијалози, со заплет и расплет и со други елементи присутни во фолклорниот театар. Се внимавало две маскирани дружини да не се сретнат, зашто редовно доаѓало до тепачки со смртни последици, за што сведочат топонимите Василичарски Гроб, Бабарски Гроб, Џамаларски Гробишта и сл. Празникот децата го празнуваат посебно од возрасните. Тие палат огнови, пеат василичарски песни и секогаш носат дренови или сливови прачки, со кои ги удираат луѓето, особено старите и болните лица. Овој обичај на удирање се именува суровење, што значи и тие да се сурови (здрави) како прачката. Тоа се прави и со домашните животни, поради што домаќинот василичарите ги одведува и во шталата. За тоа децата добиваат дарови. На овој ден се прогнозира среќата и напредокот на секој член од семејството, на стоката и на родноста на земјоделските култури. Тоа се прави со зрна жи-то или со жарје, но и со паричка во пита или баница, како што се прави и на Бадник.
ЛИТ.: Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази, прикупио и описао Стефан Тановић, учитељ, Београд, 1927; Вера Кличкова, Божиќни обичаи во Скопската Котлина, „Гласник на Етнолошкиот музеј”, 1, Скопје, 1960; Наум Целаковски, Дебарца, обреди и обредни игри, Скопје, 1984. М. Кит.