АТАНАСОВ, д-р Филип

(с. Смрдеш, Костурско, Егејсиот дел на Македонија, ? – Советски Сојуз, 1956) – лекар, припадник на МЕФО. Потписник на Тиранскиот протокол со Косовскиот албански комитет (1921), задграничен претставник на МФРО (1922). Емигрирал во Виена (1923), каде што учествувал во формирањето на Балканскиот револуционерен комитет, во објавувањето на виенските документи (април–мај 1924) и во основањето на ВМРО(Об) (1925). Бил во Привременото раководство на национал-федералистичката струја на Организацијата, избран на Конференција во Царирад (1929). Се вратил во Бугарија (1931), а по Втората светска војна емигрирал во Советскиот Сојуз, каде што и починал.
ИЗВ. иЛИТ.: Архив на Министерството на вътрешните работи, София, ОБ-16199, л. 125-135; АИНИ, сл. ИВ. 242/Ⅱ, бр. 69, Никола Киров-Майски, Ⅴ строя за Македония, София, 1957, кн. Ⅱ (ракопис); Даринка Пачемска, ВМРО(Об), Скопје, 1985. З. Тод.