АТАНАСОВСКИ, Киро Крстев

(псевд. Страшо) (Кавадарци, 1923 – Кавадарци, 7. Ⅳ 1944) – налбат, борец и народен херој. Завршил два класа граѓанска школа. Како член на СКОЈ (1940) и на КПЈ (1941), бил еден од организаторите на НОАВМ во Тиквешијата: член на МК на КПЈ во Кавадарци (1942) и член на Обласниот комитет на КПМ во Велес (1943). Бил борец на Тиквешкиот НОПО „Добри Даскалов”. При илегален престој во Кавадарци со секретарот на ОК на КПМ во Кавадарци Димче Мирчев за прифат на околу 60 нови борци, биле провалени и блокирани од околу 700 бугарски војници, контрачетници и полицајци. По седумчасовна оружена пресметка, откако им привршила муницијата, Д. Мирчев се самоубил, а тој загинал во обидот да се пробие. Прогласен е за народен херој на Југославија (20. Ⅻ 1951).
ИЗВ.: Тиквешијата во НОВ 1941-1945, Ⅵ, документи, КавадарциНеготино, 1984.ЛИТ.: Александар Грков, Тиквешијата во НОБ. Зборник на паднатите борци и жртви на фашизмот од Кавадарско, Кавадарци, ѕ. а., 14; Александар Поповски, Атанасовски Крсто Киро (1923-1944), Народни херои од Македонија, Скопје, 1973, 36-43; Тиквешијата во НОВ 1941-1945, 1-5, КавадарциНеготино, 1984. С. Мл.