АРСОВ, Милан

АРСОВ, Милан (с. Ораовец, Велешко, 1885 – затворот во пустинскиот град Мурзук, во областа Фезан во Либија, 1908) – член на групата гемиџии, најмлад солунски атентатор. Учел во гимназиите во Битола и Солун, но не го довршил школувањето. Заедно со Димитар Мечев и Илија Тричков во Солунско ја минирале железничката линија Солун-Деде-Агач (29. Ⅳ 1903). При подметнувањето бомба во летната бавча на хотелот „Алхамбра” бил ранет и уапсен од полицијата. Бил осуден на смрт, а потоа помилуван на доживотно заточеништво. Во затворот се разболел и починал. Неговите другари Павел шатев и Георги Богданов ја донеле и им ја предале неговата глава на родителите за погреб. ЛИТ.: Д-р Крсте Битоски, Солунските атентати 1903, ИНИ, Скопје, 1985; Јован Павловски, Гемиџиите, „Матица македонска”, Скопје, 1997. С. Мл.