Појавата на првата Македонска енциклопедија е историски чин. Со неа Република Македонија влегува во редот на земјите и народите што создале енциклопедиска синтеза на своето минато и на својата современост, на она што било или останало по нејзиниот цивилизациски пат. Тоа е научно фундирано огледало на генерациите и на современиците што ги рефлектира сознанијата само за овие простори од праисторијата до денеска. Со тоа современата македонска научна мисла се обидува сублимирано да ги претстави развојните епохи, периоди, подрачја и струки и да го формулира сопственото гледиште врз македонските работи воопшто.
Со децении во Скопје постоеше Редакција на Енциклопедијата на Југославија за Македонија. Излегоа само првите два тома од „Енциклопедија на Југославија. Издание на македонски јазик“ (Загреб, 1983 и 1985). Во нив заинтересираниот корисник тешко ќе може да ја согледа целоста и сеопфатноста на Македонија. А во странските енциклопедии, особено во енциклопедиските изданија на соседите, премногу се скромни, измешани и изобличени селектираните факти и аргументи за Македонија и Македонците за да се сфати и да се прифати „вистината“ за вековниот комплекс на „Македонското прашање“.
Македонската енциклопедистика уште е во својот зародиш. Во последниве децении се појавија повеќе индивидуални печатени и електронски обиди за парцијално лексиконско претставување на одделни области и струки. Од институционалните печатени лексиконски изданија треба да се спомнат „Македонскиот историски речник“ (2000) на Институтот за национална историја во Скопје и „Речникот на народната митологија на Македонците” (2000) на Институтот за старословенска култура во Прилеп,а сличен е и обидот на МИ-АН во Скопје со публикацијата „Личности од Македонија” (2002). Прв посериозен енциклопедистички потфат направи Книгоиздателството „Детска радост“ во Скопје со издавањето на петтомната „Македонска енциклопедија за деца“ (1990), а од преводната продукција (со македонски приопштувања) заслужува внимание скратената верзија на „Британика. Енциклопедиски речник“ (1–10, 2005–2006) на „Топер – МПН“ во Скопје. Меѓутоа, најамбициозна се претстави четиритомната „МИ-АНова енциклопедија општа и македонска“ (2006), под редакција на Јован Павловски, во која неколку илјади „одредници се однесуваат на Македонија во нејзините историски, географски и етнички граници.
Првата иницијатива за подготовка на национална енциклопедија во Македонската академија на науките и уметностите е покрената од Одборот за научноистражувачка работа и уметнички истражувања (27. VI 1994). По извесни нови иницијативи, Претседателството на МАНУ на 23. IX 1999 год. ја прифаќа идејата, формира Иницијативен одбор и започнуваат подготовките за создавање административно-правни претпоставки за реализацијата. Во следната година е основан Лексикографскиот центар и се направени постапките за избор на неговите органи и тела. Наскоро е составена и Главната редакција на Македонската енциклопедија (од претставници на петте одделенија на МАНУ) и постепено се оформува широка редакција од редовите на членовите на Академијата, од Универзитетот и од одделни научни институти од разните области и струки.
Правните акти за структурата и работата врз Македонската енциклопедија Претседателството на МАНУ ги донесува на 25. VI 2002 год. Замислата беше да се подготви повеќетомна национална (а не општа) енциклопедија. Се увиде дека средствата од Научниот фонд на МАНУ не можат да ги покријат нараснатите потреби. Затоа, на 28. VI 2005 год., Главната редакција донесе решение да се подготви кратка Македонска енциклопедија, а речиси подготвениот прв том од повеќетомната да причека поблагопријатни услови. На 22. XИ 2005 год. Главната редакција го усвои скратениот азбучник и со добиените наменски средства од Владата на РМ ја започна реализацијата.
Кратката Македонска енциклопедија нема претензии да биде показ и приказ на целокупниот живот и развиток во Македонија, да биде инвентар на сите историски, културни и општествено-политички настани, состојби, личности, појави и пројави. Но таа претендира да стане почетна објективна интегрална информација за нас и за нашата земја и да го скенира македонското гледиште за културното и национално-политичкото минато и за нашата транзициска сегашност. Таа треба да стане прв домашен прирачник за подобро самозапознавање и компетентна основ на информација за странскиот корисник, без инфилтрација на идеолошки и дневно-политички актуализации, без мегаломански и мегалофилски митологизации и без возбудување национално-политички историски и современи антагонизми. Во неа нема црни и бели ликови, настани и процеси. Македонскиот граѓанин и меѓународната заинтересирана јавност можат да најдат сублимирани егзактни одговори за елементарните прашања од македонската географија, историја, етнографија, јазик, литература, култура, економија, спорт итн., информации за вековните борби, востанија и програми за културно-национална и државносна афирмација. Во неа се рефлектираат во определена форма речиси сите научни области и струки, сите позначајни појави и процеси што настанале или се одразиле во милениумскиот цивилизациски развоен тек на просторот во Македонија или во врска со неа, со акцент
на одредниците за трајните вредности во културата на оваа почва. Редакцијата настојуваше по можност сразмерно да ги застапи разните дисциплини и струки и од општествените и од природните науки. Истовремено, таа е свесна дека, и покрај стремежот за што пообјективен критериум при изборот и обработката на одредниците, тој во крајна линија секогаш останува индивидуален, авторски, па затоа во стеснетиот обем на ова издание е можно и значајни личности, настани и појави да не се претставени или да не се соодветно третирани. Притоа, Редакцијата беше ограничена и при собирот и изборот на илустративниот материјал. Обемот налагаше многу личности, настани и состојби да останат без соодветно ликовно-графичко обликување. Но, познато е дека ниедна енциклопедија не е во состојба да биде ни сеопфатна ни завршена. Се надеваме дека идната повеќетомна ќе овозможи посоодветен простор и третман за покомплетно и покомплексно претставување на се што е релевантно во историскиот и во современиот развиток и статус на Македонија.
Редакцијата исто така беше свесна и за историските дадености. Судбината на земјата и народот наложи и специфичен пристап кон историјата, културата и третманот. Во разни времиња Македонија потпаѓала под разни и различни владенија. Минувале империи и цивилизации, се случувале миграции и погроми, но вековите создавале културно наследство што претставува национална, а истовремено исветска придобивка. Должност беше сето тоа да се регистрира, да се претстави и да се вреднува, зашто таа материјална и духовна култура претставувала фундамент при формирањето на профилот на народот и на опкружувањето. Затоа во МЕ соодветно се одразени основните вредности и придобивки на целото ова географско и етно-историско пространство. Зашто, иако земјата била владеана од разни господари, таа географски, економски и етно-културно, и покрај сите надворешни влијанија, останувала интегрална целина. По Балканските војни со Букурешкиот договор (1913) таа го загуби територијалниот интегритет што како статус е потврден и по Првата светска војна со Версајските договори (1919), но македонскиот народ ја продолжува својата историја и култура и во границите на четирите соседни држави и во емиграцијата. Непрекинатата борба за ослободување и обединување и манифестациите на националната свест претставуваат дел од духовното единство што во текот на Втората светска војна доведува до општа националноослободителна борба, во која е извојувана првата современа македонска држава, макар и само на територијата на еден дел од поделената земја. Тој историски факт не може да не се има предвид. Затоа во Македонската енциклопедија територијата и историјата на Македонија до 1913/1919, па во одредена мера и до 1944 година, е третирана како интегрална целина. Инаку, би требало да се лишиме, на пр., од столбовите како Делчев, Мисирков, Сандански и Влахов. Следствено, и антифашистичката борба на Македонците е гледана како целина, со сите специфичности, иако многу подетално е обработена Народноослободителната борба во Вардарскиот дел на Македонија. Врз тие принципиелни определби се обработувани и населбите, културно-историските споменици, сакралните објекти и археолошките наоѓалишта, старите ракописи, дневните и периодичните публикации, разните конфесионални, политички, национални, револуционерни и идејни движења и формации; разните историски собранија, конгреси и решенија; попознатите ајдути, револуциионери и војводи, организатори, борци и команданти; историските места и настани; општествено-политичките и државните структури; научните, образовните, здравствените, социјално-економските, стопанските и другите владини и невладини институции и асоцијации.
По конституирањето на Демократска Федерална Македонија во рамките на Демократска Федеративна Југославија (2. ВИИИ 1944), меѓутоа, геополитичката територија е веќе омеѓена со границите на Република Македонија. Иако, Македонската енциклопедија не ги испушта од предвид и манифестациите на македонското национално малцинство во Грција, Бугарија, Србија, Албанија и Косово, како и на македонското население во дијаспората, раселено во Европа и по сите меридијани во светот, независно од нивното територијално потекло. Притоа посебно внимание е посветено на учеството на Македонците во Движењето на отпорот во Грција (1941–1945), особено пак во Граѓанската војна (1946–1949) и егзодусот на децата-бегалци расфрлани во европските и воневропските држави. Македонската енциклопедија не можеше да не ја вклучи и културно-националната автономија во Пиринскиот дел на Македонија (1947–1948) и посебно современата македонска борба за национални и човекови права во Република Бугарија. Тоа се однесува и за манифестациите на македонската културно-национална свест во Република Албанија и непрекинатата борба за училишта, учители и учебници на македонски јазик, за политичко организирање, за своја самоуправа и за основни човекови права и слободи. Независно од с¢ уште недодефинираната политичка состојба на Гораните, не можеше да се одмине и нивната борба за малцински национални, конфесионални и човекови права во новата држава Косово. Во одредниците, разбирливо, доминантно место има македонскиот народ во земјата, но се застапени и етничките заедници и нивните култури, со посебен акцент на албанската како побројна. Исто така соодветно се опфатени и релевантните врски и односи на РМ со другите држави, како и личности од странство што дале посебен придонес за проучувањето и афирмирањето на нашата земја во областа на стопанството, политиката, јазикот, науката и културата.
Така структурирана, Македонската енциклопедија претставува сумарум на знаењата презентирани од 265 соработници од сите профили, често и врз сосем нови истражувачки постапки. Таа кондензација на македонската научна мисла во систематизиран енциклопедиски вид, при отсуство на енциклопедистичка традиција и стручно искуство, несомнено претставува своевиден национален подвиг и историска придобивка. Преку фрагментирани целини, со научна концизност, Македонската енциклопедија настојува да придонесе за задоволување на нараснатата жед во земјата и во странство за проверени концентрирани информации за минатото и современоста на Република Македонија. Редакцијата чувствува долг да одбележи дека во подготвителниот период на ова издание, како членови на Главната и на широката редакција, како и на Советот на Лексикографскиот центар, повремено учествуваа и други соработници. Интегрално го претставуваме, меѓутоа, само актуелниот состав што ја градеше
концепцијата и учествуваше во реализацијата на ова издание во периодот по 28 јуни 2005 година.
Редакцијата на Македонската енциклопедија