ЧАШКА

ЧАШКА – село во Велешко. Се наоѓа на крајниот јужен дел на Бањичко Кале, од левата страна на р. Тополка, на надморска височина од околу 240 м. Преку регионален пат е поврзано со Велес. Има 1.471 ж., од кои 1.425 се Македонци и 44 Срби. Населението се занимава со одгледување житни и градинарски култури и тутун. Тоа е седиште на општина што зафаќа површина од 81.945 ха, со 42 населени места во кои живеат 7.673 ж. Постои осумгодишно училиште и здравствена станица. Ал. Ст. Коле Чашуле