ЧАРАКЧИЕВ

ЧАРАКЧИЕВ (Кожаров), Асен (Неврокоп, 19. Ⅶ 1911 – Неврокоп, 19. Ⅺ 1988) – припадник на македонското НОД во Пиринскиот дел на Македонија. Член на ВМРО(Об) (1931). На судскиот процес (1936), заедно со сестра му Мара Димитрова-Петрова и другите судени, изјавил дека е Македонец по националност, а не Бугарин. Учествувал во оружената борба на НОД (1941–1944). Бил активен во остварувањето на културната автономија во Пиринскиот дел на Македонија (по 9. Ⅸ 1944). По Резолуцијата на ИБ (1948) отстапил од својата македонска национална определба. Заземал раководни функции во ЦК на БКП, во БАН и во Институтот за историја на БКП при ЦК на БКП. ИЗВ.: Државен архив на Република Македонија, фонд НОБ, к. 33, арх. бр. 228. ЛИТ.: Васил Јотевски, Националната афирмација на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија 1944–1948, Скопје, 1996. В. Јот.