СТОГОВО

СТОГОВО – висока венечна планина во Западна Македонија, која се формирала во времето на алпската орогенеза. Таа се наоѓа помеѓу долината на Црни Дрим од запад, долините на реките Радика и Мала Река од север и исток, преку тектонскиот преслап Јама (1.507 м) е одвоена од планината Бистра, а на југ морфолошки преку превалот Рудине се надоврзува на планината Караорман. Се протега во правецот сз–ји. Најголем врв е Голем Рид (2.273 м), а на билото има уште десет врвови повисоки од 2.000 м. Во геолошкиот состав на Стогово учествуваат: филити, тријаски и кредни седименти. На високите делови на планината се наоѓаат изворите на Јамска Река, Гарска, Белешница, Ехловечка Река, Радомирска, Песочанска и др. Високопланинските делови во плеистоценот биле зафатени со глацијација и денес се среќаваат фосилни глацијални форми, како: циркови, валови и морени. Ниските делови се под шума, а над неа се протегаат пространи планински пасишта што се солидна база за развој на сточарството. ЛИТ.: Андоновски Т., Абразиони и флувијални елементи во Кичевската котлина, „Годишен зборник на ИГ“, кн. 27-28, Скопје, 1984. Т. Анд.