КИЧЕВСКА КОТЛИНА

КИЧЕВСКА КОТЛИНА – претставува неотектонска творба чи-јашто рамка ја прават планинските масиви на Бистра и Стогово од запад, Бушева Планина, Баба Сач, Бабењ и Плакенска Планина на исток. Дното на котлината – поле-то е на надморска височина од 680 м до 570 м. Најниската точка се наоѓа во источниот дел кај с. Атиште (570 м). Во јужниот дел котлината е прекршена со напречни раседи и има форма на превртена буква Т. Кичевската Котлина преку Бродска Клисура на исток се поврзува со Поречје, на југозапад преку превалот Пресека со котлината Дебарца, а на север преку превалите Стража и Буковиќ со Полошката Котлина. Вкупната површина е 1.059 км², а дното има 88 км². Во северниот дел се издига ниската планина Вардино (950 м), која овој дел го дели на две морфолошки целини: Зајас на запад и Осломеј на исток. Геолошкиот состав е доста сложен и е претставен со палеозојски шкрилци и тријаски варовници по рамката, а плиоцените и квартерните седименти по дното на котлината. Во плиоцените седименти се откриени големи резерви на јаглен, врз основа на кои е изградена термоцентралата Осломеј. Развиена е градската населба Кичево. ЛИТ.: Т. Андоновски, Абразиони и флувијални елементи во Кичевска котлина, „Годишен зборник на ПМФ”, кн. 27, Скопје, 1984. Т. Анд.