САЗДОВ, Томе

САЗДОВ, Томе (Скопје, 8. Ⅱ 1934 – Скопје, 11. Ⅱ 2004) – книжевен историчар, истражувач на македонското народно творештво, унив. професор по усна народна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Завршил Филозофски факултет – група Историја на книжевноста на народите на СФРЈ во Скопје (1957). Неколку години бил новинар, по што работел на Филолошкиот факултет (од асистент до редовен професор). Докторирал на тема „Марко К. Цепенков како собирач на македонски народни умотворби“. Бил повеќегодишен директор и претседател на Советот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, претседател на Културно-просветната заедница на Македонија и директор на Институтот за македонска литература. Приредил повеќе зборници со македонски народни умотворби и го популаризирал нашето културно наследство, во домашната и во странската јавност. Почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. БИБ.: Македонската народна поезија, Скопје, 1966; Преглед на македонската народна проза, Скопје, 1970; Македонски народни приказни, Скопје, 1972; Марко Цепенков, Џ, Скопје, 1972 (еден од приредувачите); Марко К. Цепенков како собирач на македонски народни умотворби, Скопје, 1974; Кузман А. шапкарев, Избрани дела, кн. 1-5, Скопје, 1976 (приредил); Собирачки портрети, Скопје 1976; Македонска народна лирика, Скопје, 1977; Стефан И. Верковиќ, Јужномакедонски народни приказни, т 1-2, Скопје, 1977; Студии за македонската народна книжевност, Скопје, 1978; Народни песни од југословенска Македонија, Атина, 1981 (превод на грчки јазик); Македонски народни приказни, Атина, 1981 (превод на грчки јазик); Македонска народна лирика, Београд, 1981; Миладиновци, Избрани текстови, Скопје 1982; На тенка срма нижани. Народни умотворби од Пиринска Македонија, Скопје, 1982; Скопје града покрај тиок Вардар, Скопје, 1985; Ѓорѓи Пулевски. Избрани текстови, Скопје, 1985; Григор Прличев, Избрани творби, Скопје, 1985; Фолклористички студии, Скопје, 1986; Народни песни од Пиринска Македонија, Скопје, 1988; Македонска народна литература, Скопје,1988; Македонска народна книжевност, Скопје, 1988; Жената во македонската народна книжевност, Скопје, 1989; Огледи за македонската народна книжевност, Скопје, 1990; Усната книжевност на Македонците, Скопје, 1992; Историја на македонската книжевност – усна народна книжевност, Скопје, 1997; Непознатиот Прличев, Скопје, 1998; Григор Прличев, Запис за Одисеј, Скопје 1996. ЛИТ.: Благоја Стоичоски, Томе Саздов. 60 години од раѓањето и 35 години научна дејност, Скопје, 1994. С. Мл.