НАКОВСКИ, Петре

НАКОВСКИ, Петре (с. Крчишта, Костурско, Егејскиот дел на Македонија, 17. Ⅶ 1937) – романсиер и преведувач од полски јазик, публицист и дипломат. Прв македонски амбасадор во Полска. Бил новинар во весниците „Вечер“ и „Нова Македонија“. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска. Автор е на бројни прилози од прозната белетристика и публицистиката во периодиката. Автор е и на мемоарско-социолошкиот труд „Македонските деца во Полска“. Прозата му се одликува со сурова фактографија за трагедијата на Македонците во текот на граѓанската војна од 1946– 1949 г. во Грција и смисла за градба на впечатливи ликови, носители на возбудливи животни приказни. БИБ.: Постела за чемерните (1985), И каменот е земја (1988), Големата удолница (2003), Големата измама (2007). Г. Т. Перо Наков-Скубе