НАЈДОВСКИ, Ицо Василев (с. Оптичари Битолско, 12. Ⅶ 1959) – македонски публицист. По доселувањето во Австралија (1985) ги завршува студиите по историја и мултикултура на Викторија универзитетот во Мелбурн, каде што и магистрира (1997) на темата „Оспорен идентитет: Македонците во современа Австралија“. По неколкугодишни истражувања на Универзитетот, ги подготвува трудовите: „Одржување на македонскиот јазик и македонската младина“, „Споредба на три етнички групи: Македонците, Либанците и Холанѓаните“, „Првата македонска генерација: интеграција или асимилација“, „Македонците во Викторија“. Предава македонски и англиски јазик во повеќе средни училишта, а 15 години предава во Викториското училиште за јазици. Над 10 години во Министерството за образование на Австралија ги оценува завршните испити, а ги подготвува матурантите од сите средни училишта во земјата каде што македонскиот јазик е во редовната настава. Активно учествува во македонските организации и пишува за македонските весници и списанија. Повеќе од 10 години е водител-уредник на македонската радио програма „Трипати Зет“ во Мелбурн. Бл. Р. Тихо Најдовски