МИСИЈАТА НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ ВО МАКЕДОНИЈА – прва мисионерска дејност на христијанството во Македонија и воопшто на европската почва (49, 56 и 57 г.). За проповедање на новата религија среде македонското население и еврејските доселеници, Павле, познат како „апостол на апостолите“, пристигнал во Македонија (49 г.) заедно со своите придружници Сила, Тимотеј и Лука. Притоа во Филипи ја основал првата христијанска општина во Македонија и во Европа, за чие раководење тука го оставил евангелистот Лука, кој токму во овој град и го составил едното од четирите евангелија што ја претставуваат основата на христијанското учење. Наскоро биле формирани и христијански црковни општини во Солун и во Бероја. Подоцна, во дејноста за ширењето на христијанството, тој уште двапати престојувал во Македонија (56 и 57 г.). Од неговите 14 посланија што се составен дел на Новиот завет, три биле испратени до македонските христијански општини – две до Солунјаните (52 и 53 г., во времето на неговиот престој во Коринт) и едно до Филипјаните (63 г., од римскиот затвор). Освен тоа, токму во Филипи тој го напишал и второто послание до Коринтјаните. ИЗВ.: Свето Писмо на Стариот и на Новиот завет, второ издание, Скопје, 1991. ЛИТ.: Ѓ. Поп-Атанасов, Библијата за Македонија и за Македонците, Скопје, 1995; И. Велев, Византиско-македонски книжевни врски, Скопје, 2005. К. М.-Р. Суад Мисини