МАТАК, Манчу (Крушево, 1920 – с. Витолиште, Мариовско, 25. Ⅴ 1944) – шивач, комунистички деец и народен херој, Влав. Бил член на КПЈ (1939). Во Априлската војна (1941) бил заробен како војник на Кралството Југославија, но успеал да избега и се вратил во Крушево. Како член на МК на КПЈ во Крушево (крајот на 1941), поради учество во штрајкот на монополските работници, бил уапсен (април – јуни 1942). Бил секретар на Организацијата на КП во Крушевскиот НОПО „Питу Гули“, а по неговото расформирање (кон крајот на 1942) се илегализирал во Крушево, а потоа се префрлил во Гостивар и стапил во НОПО „Кораб“ (во пролетта 1943). Во борба со балистите бил заробен и спроведен во Тиранскиот затвор. По капитулацијата на Италија (8. Ⅸ 1943) станал командир на Прилепската чета во Првата македонско-косовска НОУБ, а потоа во Единаесеттата македонска НО бригада. Загинал при напад на бункер на германските сили. Прогласен е за народен херој на Југославија (1951). ЛИТ.: Манчу Матак, Бригада на братството и единстото, Скопје, 1958, 460; Н(аум) Наумовски, Народниот херој Манчу Матак, на истото место, 421–423; Манчу Матак, Втората македонска ударна бригада, Скопје, 1973, 160–161; Борче Наумовски, Манчу Матак, на истото место, 167-169; Златко Билјановски, Одредот „Питу Гули“, Скопје, 1973; истиот, Манчу Матак, Скопје, 1975. С. Мл.