МАРКОВ, Веле

МАРКОВ, Веле (Велко) (с. Селце, Крушевско, 12. Ⅱ 1870 – с. Ракитница, Крушевско, 23. Ⅳ 1902) – револуционер, социјалист, крушевски војвода. Отишол на печалба во Бугарија (1892). Во Софија се зближил со Васил Главинов и ја основале Македонската социјалистичка група (1895). По враќањето во Македонија бил еден од основачите на социјалдемократскиот кружок во Крушево (1900) и со другите социјалисти стапиле во ТМОРО. Во текот на 1900 г. во Битола основале социјалдемократски кружок. Во почетокот на 1901 г. бил во четата на војводата Никола Русински. Од 29. Ⅷ 1901 станал крушевски војвода. Загинал во борбата на четата со османлиските војници во с. Ракитница, Крушевско. ЛИТ.: М. Стојаноски, Веле Марков – социјалист – револуционер, „Прилози“, 36-37, ДНУ–Битола, 1982; З. Божиновски, Веле Марков, Битола, 2002. Ал. Тр.