МАРИОВСКО-ПРИЛЕПСКА БУНА

МАРИОВСКО-ПРИЛЕПСКА БУНА (1564–1565) – буна против власта на османлиската држава во Македонија. Почнала како локална буна во Мариово (во летото 1564) и се проширила во градот Прилеп. Тамошните власти не успеале да ја задушат и во септември примила карактер на востаничко движење. Интервенирала централната власт. Со султанска заповед (3. Ⅹ 1564) бил задолжен скопскиот бег со прилепскиот кадија да преземат енергични мерки за смирување на побунетиот крај. За ширењето на Востанието и за неговото масовизирање придонело учеството и на свештениците, меѓу водачите биле попот Димитрија од с. Градешница и поп Јаков од с. Старавина. Била издадена нова султанска заповед (4. ⅩⅠⅠ 1565) за воспоставување ред и за враќање на мирот во побунетиот крај. Востанието било задушено (до крајот на 1565), тоа повлијаело врз забавувањето на процесот на почифликување и во спречувањето на исламизацијата на Мариовско. ЛИТ.: Љубен Лапе, Прилог кон историјата на борбите на нашиот народ во 16 и почетокот на 17 век против турската власт, „Нов ден“, 5, Скопје, 1948; Михајло Миноски, Ослободителни движења и востанија во Македонија (1564-1615), Скопје, 1972. М. Мин.