„МАКЕДОНСКИ ВЕСТИ“ (Софија, И, 1, 24. И 1935 –Ⅱ, 74, 16. Х 1936) – неделно списание за историја, наука и литература, неофицијален орган на ВМРО(Об). Редактор-издавач Ангел Динев, членови на Редакцијата Коста Веселинов, Михаил Сматракалев, Митко Зафировски и Васил Ивановски. Се печати во тираж од 2500 примероци, на бугарски јазик; до бр. 53 како списание, а потоа како неделен весник за историја, литература и општественост. Тоа е најзначајната легална периодична публикација на македонската емиграција во Бугарија од меѓувоениот период што се пласира не само сред македонската емиграција во Бугарија и особено сред Македонците во Пиринско, туку и сред македонската дијаспора во Европа и зад Океанот. Објавува богати податоци од македонската национална историја, литература и култура и ги афирмира автентичните погледи за националниот идентитет и степенот на развитокот на националната свест во борбата за ослободување и обединување на македонскиот народ. Задачата на публикацијата е „да внесе јасност во мошне интересната и непроучена историја на македонското ослободително движење, како и да го сумира творештвото на Македонците во областа на науката и литературата“. Зашто: „Целата историја и сите народни умотворби во Македонија ја изразуваат непоколебливата волја на македонскиот народ за слобода. Ние што живееме во туѓина, со споменот за татковината и со стремежите да се вратиме во своите родни огништа, не можеме да ги заборавиме со децении водените ослободителни борби и паднатите скапи жртви. И токму затоа ние си ја поставуваме задачата преку едно вакво списание – ,Македонски вести’ да ги изнесеме надлежните историски материјали, да ги објавиме портретите и биографиите на заслужените македонски дејци, да ги дадеме политичко-економските услови што го породија македонското ослободително движење и да ги изнесеме литературно-културните форми со коишто народот ги изразуваше и ги изразува своите болки и стремежи.“ По бр. 74 весникот е забранет. ЛИТ.: Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 340–342; Д-р Владо Картов, Ангел Динев – живот и дело, Скопје, 1983, 92–102; Д-р Блаже Ристовски, Пројави и профили од македонската литературна историја, Ⅲ, Скопје, 1990, 401–458. Бл. Р.