ЛИМАНОВСКИ, Нијази

ЛИМАНОВСКИ, Нијази (Ростуше, Долна Река, 27. Ⅵ 1941 – Скопје, 11. Ⅹ 1997) – етнолог, унив. доцент. Потекнува од родители исламизирани Македонци. Дипломирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, Група географија, а докторирал на Катедрата за етнологија на Филозофскиот факултет во Бел-град со темата „Етносоцијалните карактеристики на исламизираните Македонци”. Во февруари 1994 г. е избран за доцент по група предмети на студиите по Етнологија на Географскиот институт при ПМФ во Скопје. Нијази Лимановски Бил директор на Радио Дебар, потоа работел во Службата за информации на Собранието на РМ, помошник на претседателот на Републичкиот комитет за образование и физичка култура, потоа потсекретар во Министерството за образование, пратеник во Собранието на РМ, основач на Републичката заедница на културно-научните манифестации на Македонците-муслимани (1979), член на Сојузот на новинарите, на Здружението на етнолозите на Македонија, на Здружението на фолклористите, на Македонското географско друштво и др. Објавил четири книги и над 50 научни трудови од областа на етнографијата. ЛИТ.: Природно-математички факултет, Скопје 1946-1996. М. К.