КОЛОНИЗАЦИИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

КОЛОНИЗАЦИИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА (1918–1953). Во означениот период во Македонија биле извршени две колонизации. Првата колонизација била извршена во периодот меѓу двете светски војни (1918–1941). Со колонизирање во Македонија семејства од другите краишта на Кралството Југославија големосрпскиот владејачки режим настојувал да ја разбие компактната етничка целост на населението од овој дел на Македонија и да изврши денационализација и асимилација на македонскиот народ. Утврдено е дека во означениот период на подрачјето на Вардарскиот дел на Македонија биле населени вкупно 4.167 колонистички семејства. Колонистите добивале покрупни имоти и поплодна земја, стекнувале право да ги ползуваат утрините, шумите и пасиштата во државна и во селска сопственост, им бил доделуван земјоделски инвентар, добивале куќи и други помошни згради што ги подигала државата, биле снабдувани со поволни заеми, ослободувани од плаќање: даноци, општински давачки, царини и сл. Колонизацијата не ги постигнала очекуваните резултати. Етничката компактност на македонскот народ не би-ла разбиена. Колонистичките семејства, и покрај добиените бројни привилегии и потрошените средства, не успеале да создадат стабилни земјоделски стопанства и не го унапредиле земјоделското Историска карта на колонизацијата во Вардарскиот дел на Македонија (1919-1929) производство. Мноштво колонистички семејства, освен што доаѓале во судир со месното население, не успевале да се приспособат на климатските услови и се враќале во родните краишта или се населувале во македонските градови, каде што повторно со обилна поддршка на режимот навлегувале во трговијата, банкарството, индустријата и во другите попрофитабилни дејности и занимања. Во времето од 1945 до 1953 г. во Македонија, како федерална единица на новата југословенска држава, напоредно се одвивале два вида колонизации. Доколку преселувањето било надвор од Македонија, односно во друга федерална единица (република), колонизацијата била нарекувана сојузна (надворешна), а колонизацијата во рамките на самата република била нарекувана земска (внатрешна). Надворешната колонизација била насочена кон населување семејства во Војводина. Оваа колонизација била со намерата за „словенизација” на Војводина, зад што всушност се криеле намерите за „србизација”. Од Македонија биле населени во Војводина вкупно 1.678 македонски селски семејства со 10.352 членови. Населувањето во Војводина било со многу тешкотии. Населениците сакале да добијат имоти во индивидуална сопственост, а биле принудувани да влегуваат во формираните земјоделски задруги и колективно да ја обработуваат земјата. Месното население покажувало непријателски став спрема колонистите. Мнозина од колонистите по извесно време се враќале назад во своите родни места. Преку внатрешната колонизација се настојувало да се реши проблемот со сиромашните семејства од пасивните краишта. Семејства од селата на Скопска Црна Гора биле населувани во низинските предели на Скопската Котлина. Во Пелагонија и во Тиквешијата биле населувани семејства од пасивните краишта на Дебарца и на Малесија. Многу бегалци од Егејскиот дел на Македонија биле населени во Овче Поле и во Неготинска околија. И оваа колонизација (по обем многу поскромна од надворешната), би-ла поврзана со бројни проблеми и тешкотии од секаков вид (преселба, сместување, обезбедување со земја, куќи, помошни згради, приспособување, социјално интегрирање во новата средина и сл.). ИЗВ.: д-р Ефтим Бојаџиевски, Колонизацијата во Македонија, „Годишник на Економскиот факултет”, Скопје, 1961; д-р Александар Апостолов, Колонизацијата на Македонија во стара Југославија, Скопје, 1966; д-р Симо Младеновски, Банатското село Јабука, Скопје 1986; д-р Ристо Христов, Селското стопанство на Вардарска Македонија меѓу двете светски војни низ архивски извори, „Историја”, бр. 1–2, Скопје, 1987; Д-р Симо Младеновски, Македонците во Војводина по Ослободувањето, Нациите, малцинствата и балканската соработка, Делчево, 1987, 345–350; д-р Ристо Христов, Селото во Вардарскиот дел од Македонија меѓу двете светски војни (социо-економски истражувања), Скопје, 1993; д-р Виолета Ачкоска, Аграрната реформа и колонизација во Македонија 1944–1953 (документи), Скопје, 1997; истата, Аграрно-сопственичките односи, промени и процеси во Македонија 1944–1953, Скопје, 1998. Р. Х. Александар Апостолов: Колонизацијата на Македонија во стара Југославија