ЗЕМЈИШТЕ

ЗЕМЈИШТЕ -. поимот често се идентификува со поимот почва. Почвата, како природноисториско тродимензионално тело на површинскиот слој од земјината кора, кое се одликува со свои морфолошки, физички, хемиски, и биолошки својства, е само една од компонентите што го сочинуваат предметот означен како земјиште. Земјиштето се дефинира како географски специфичен простор на земјината површина, а го сочинуваат определени климатски, релјефни, почвени, хидрографски, биолошки и др. компоненти од значење за растителното производство (земјоделство, шумарство) или за други стопански и нестопански активности. Со бонитирањето, врз основа на физичките, хемиските, биолошките и другите својства на секоја од неговите компоненти, се оценува природниот производствен потенцијал на одделни земјишта за структурата и интензитетот на одделни насоки во земјоделското производство. Р. Л.