ДИМИТРОВСКИ, Тодор

ДИМИТРОВСКИ, Тодор (с. Подлес, Велешко, 19. Ⅱ 1922 – Скопје, 15. XI 2000) – лингвист, книжевен историчар и преведувач. На 10 години, неговите родители се преселиле во Скопје (1932), каде што завршил основно училиште и гимназија (1940), Филозофски факултет (1954) и хабилитирал со трудот „Интернационалниот слој во јазикот на Крсте Мисирков” (1970). Работел како преведувач во Македонската редакција на ТАНЈУГ, неколку години во в. „Трудбеник” (1945-1949), а потоа бил лектор во книгоиздателствата „Ново поколение” и „Кочо Рацин” (1950-1953). Остатокот од работниот век (до пензионирањето) го поминал во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” како асистент, научен соработник, виш научен соработник и научен советник (1. Ⅹ 1953 – 30. IX 1984). Бил раководител на Одделението за лексикографија и лексикологија (1966-1984), претседател на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија (1982-1989), главен и одговорен уредник на сп. „Литературен збор”, член на Редакцијата на сп. „Македонски јазик” и почесен член на ДПМ. Тој е еден од тројцата составувачи на тритомниот „Речник на македонскиот јазик со српски толкувања” (1961, 1965 и 1966) и еден од авторите на „Македонски правопис со правописен речник. Општ дел” (1968) и „Правопис на македонскиот литературен јазик” (1969 и 1979), каде што ја обработил транскрипцијата на туѓите имиња, интерпункцијата и правописните знаци. Тој е и еден од четворицата обработувачи на материјалот во четирите то-ма „Речник на македонската народна поезија” (1983, 1987, 1993 и 2001). Автор е и на над 400 лингвистички и литературно-историски прилози и превел голем број книжевни дела од руски, германски и од јужнословенските јазици на македонски (Н. Тихонов, Д. ќосиќ, Г. С. Прличев, Д. Обрадовиќ, А. Ковачиќ, А шеноа, Р. Маринковиќ, Ф. Кафка, М. шолохов, Н. В. Гогољ, И. Андриќ, П. Бак, М. Држиќ и Б. ќопиќ) и од македонски на српски јазик (С. Попов и Г. С. Прличев). Автор е и на повеќе учебници за основното и за средното образование (Македонска граматика за Ⅷ одделение и за Ⅳ клас гимназија и Поуки за јазикот за Ⅲ и Ⅳ одделение и за децата на Македонците во странство). БИБ.: Значења и употреба на предлозите во македонскиот литературен јазик, Скопје, 1956; Од Пејчиновиќ до Рацин, Скопје, 1982; Речникот на „Бели мугри”, Скопје, 1990; Речник на литературни изрази, Скопје, 1996; Подвигот на Миладиновци, Скопје, 2000; Нивната мака на перото, Скопје, 2000; Конфронтативен руско-македонски речник, Скопје, 2001; Фразеолошки речник на македонскиот јазик, Скопје, 2003 (коавтор Ташко ширилов). ПРИРЕДИЛ: Григор Прличев, Собрани текстови, Скопје, 1974; Коле Неделковски, Стихови, Скопје, 1975; За македонскиот јазик, Скопје, 1978; Коле Неделковски, Собрано дело, Скопје, 1981; Димитрија и Константин Миладиновци, Зборник на народни песни, Скопје, 1983. ЛИТ.: 50 години Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков” (1953-2003), Скопје, 2003, 103–105. С. Мл.