ВЛАИНА

ВЛАИНА – средновисока планина во источна Македонија која ја претставува источната рамка на Беровската Котлина и е гранична планина со Република Бугарија. Највисок врв е Кадиица (1.932 м). Геолошкиот состав е претставен со кристалести шкрилци, палеозојски гнајсеви, гранитоиди и кредни варовници. Поради езерската состојба за време на плиоценот во пониските делови се наоѓаат плиоцени седименти и песокливи глини. Во подножјето се јавува непрекинат појас на наноси, на кои се развиени неколку големи селски населби: Град, Панчерево и Црник. Поради геолошкиот состав и непошуменоста е интензивиран процесот на рецентната ерозија. Т. Анд.