ВАФИЈАДИС, Маркос

ВАФИЈАДИС, Маркос (Кастамони/Ерзерум, Турција, 28. Ⅰ 1906 – Атина, 23. Ⅱ 1992) – комунистички и воен деец, функционер на КПГ. Во Грција се доселил во 1922 г. Бил член на младинската комунистичка организација (ОК НЕ). Учесник во антифашистичката борба, а во 1942 г. бил избран за член на ЦК на КПГ и на Македонското биро на КПГ. Бил комесар на Групата дивизии на ЕЛАС во Македонија. Во периодот на Граѓанската војна во Грција (1946–1949), бил воен командант на Главниот штаб на ДАГ и претседател на Привремената демократска влада на Грција. Ја претставувал, заедно со Д. Парцалидис, националистичката линија во КПГ во однос на македонското национално прашање. ЛИТ.: Д. Клјакиќ, Генерал Марцос, Загреб, 1979; Н. Пејов, Македонците во Граѓанската војна во Грција, Скопје, 1968; Г. Д. Кирякидес, Гражданская война в Греции (1946–1949), Москва, 1972. Ст. Кис.