БАЛКАНСКИ СОЈУЗ

БАЛКАНСКИ СОЈУЗ (1866–1868) – билатерални договори меѓу Кнежевството Србија и Кнежевството Црна Гора и меѓу Кнежевството Србија и Кралството Грција. Првиот договор бил потпишан на 23. IX 1866, вториот на 26. Ⅷ 1867, а со Грчко-српската воена конвенција од 16. Ⅱ 1868 г. бил создаден првиот Балкански сојуз против Османлиската Држава. Со Конвенција било утврдено целата територија на европскиот дел од Османлиската Држава да биде заедничко воиште, биле определени линиите на воените дејства на сојузничките армии и да се врши кординација на дејствата. Притоа било потенцирано стратегиското значење на територијата помеѓу дефинираните неспорни интересни зони, посебно на Македонија со главните стратегиски точки: Солун, Битола, Велес, Скопје, Куманово, со главен центар Битола. Обидот на Грција и на Србија да ја придобијат и Романија да му пристапи на Сојузот не успеал. Грција и Србија се спогодиле, по успешното завршување на војната, првата да ги добие Епир и Тесалија, а втората Србија, Босна и Херцеговина. За другите територии, во прв ред за Македонија, оставиле дополнително да се договорат и да склучат специјален договор. ЛИТ.: Македонија во билатералните и мултилатерални договори на балканските држави 1861-1913, Редакција и коментар М. Миноски, Скопје, 2000. М. Мин.