АСИМИЛАЦИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕОГРАФСКИТЕ РАМКИ НА МАКЕДОНИЈА

АСИМИЛАЦИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕОГРАФСКИТЕ РАМКИ НА МАКЕДОНИЈА . – процес во кој одреден етникум, дел од него или одделни негови припадници, со груби или суптилни методи, ги присилувале Македонците да се одречат од сопствениот идентитет и да го прифатат идентитетот на доминантниот етникум. Процесот на асимилација во ХХ в., во географските рамки на Македонија грубо и нагло се интензивира по Балканските војни (1912-1913), по распарчувањето на нејзината територија на три дела, со Версајскиот договор (1919). Тој процес започнува со преименување на териториите на трите дела: Егејскиот дел е преименуван во „Северна Грција“, Вардарскиот во „Јужна Србија“, а Пиринскиот дел стана составен дел на Бугарија, со изоставување на зборот „Македонија“. Настана промена и на топонимите, иако со Версајскиот договор Грција беше обврзана да не ги променува. Грција го направи тоа со посебен закон (1924). Освен тоа, во трите дела се преименуваа и личните имиња и презимиња на Македонците. По Граѓанската војна во Грција (1946-1949) процесот на асимилација на Македонците уште повеќе се забрза, не само преку нивното иселување во други држави, туку и преку склучување етнички мешани бракови, со што грчкиот јазик доби статус на мајчин јазик за младите поколенија. Асимилацијата се прошири и со забраната на македонските поколенија да учат на македонски јазик, донесена од институциите на образовниот систем. На Македонците во Грција им се забранува да ги одбележуваат илинденските празници и да ги практикуваат семејните слави и обичаи. Во Бугарија процесот на асимилација с” побрзо напредуваше поради блискоста на македонскиот и бугарскиот јазик, бидејќи младите генерации со македонско етничко потекло се школуваат на бугарски јазик (со исклучок во периодот 1946-1948 г.). И денес продолжува притисокот од бугарските власти врз Македонците да се одречат од правото на македонскиот идентитет и да формираат сопствена политичка партија. Асимилацијата во Грција и во Бугарија се спроведува со прогонување на оние Македонци што јавно го изразуваат својот македонски идентитет, со забранување на употребата на македонскиот јазик во институциите, како и со уништување на другите белези на македонскиот етнички идентитет. Посебен е процесот на асимилацијата на македонското население во Албанија. Во периодот на османлиското владеење тоа се правело преку притисок за протерување, но и за напуштање на родните огништа. По Втората светска војна се изврши промена на топонимијата, но во периодот до Резолуцијата на ИБ постоеја македонски училишта на македонски јазик, кои потоа се сведоа само за христијанското население во Долна Преспа. Македонците со исламска вероисповед административно се регистрирани како Албанци, со училишта на албански јазик. Во текот и по НОБ, Македонците во Вардарскиот дел формираа своја држава во рамките на ДФЈ/ФНРЈ/СФРЈ, по принципот нација – држава, со што престана процесот на асимилација во овој дел од територијата на Македонија. ЛИТ.: Стојан Киселиновски, Малцинствата на Балканот, Скопје, 2004. Пет. Г. Муџахит Асимов