АМФИТЕАТРОВ, Александар Валентинович (Калуга, Русија, 1862 – Левант, Италија, 1938) – руски писател-романсиер (со собрани дела во 37 тома), политички публицист-патописец, четирипатен посетител на Македонија (со четири книги за неа и за Балканот), редактор-издавач на в. „Россия” и на сп. „Современникъ”, сибирски заточеник и постоктомвриски политички емигрант. Иако го завршил Правниот факултет во Москва, никогаш не се занимавал со правото. Опозиционер во Русија и автор читан од интелигенцијата. За сатирата за царското семејство во романот „Господа Обманови” е испратен на неколкугодишно заточение во сибирското гратче Минусинск (1902). Незадоволен од ситуацијата по Октомвриската револуција, емигрира во Италија (1920). Тој е еден од ретките познавачи на Балканот и на Македонија од крајот на ⅩⅠⅩ и почетокот на ХХ в. (1894-1909). Во неговите балкански статии и интервјуа главен предмет му е македонското прашање од државно-политички и културно-национален аспект. Во Античкиот театар во Охрид Македонците гледа посебен словенски ентитет и директно или почесто индиректно спори со бугарските, српските и грчките опоненти. За Македонците пишува дека „не се ни Срби, ни Бугари, туку првобитен словенски народ, со прост основен јазик што во поголем степен е способен да се потчини на каква-годе форма што ќе му ја предложи друга, повлијателна и поразвиена словенска култура. Македонци-Бугари има таму, каде што се зацврстила бугарската школа и црква, а Срби има таму, каде што писменоста е во рацете на Србите”. БИБ.: Страна раздора. Балканския впечатления, СПб., 1903; Въ моихъ скитняхъ, СПб., 1903 (и 1907); „Славянское горе”, М., 1912; Õхо, М., 1913. ЛИТ.: Цветан Станоевски, Како ја видоа Македонија (Руски публикации за Македонија 1828-1913), Скопје, 1978, 151-159; Блаже Ристовски, Димитрија Чуповски (1878-1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград, Ⅱ, Скопје, 1978, 85. Бл. Р.