ЏОНОВ, Борис

ЏОНОВ, Борис (Богданци, 1. ⅩⅠⅠ 1913 – Струмица, 25. Ⅴ 1943) – културно-национален деец и литературен творец. Поради воените состојби, уште како тригодишен со родителите е префрлен во Гевгелија, каде што останува до по завршувањето на Првата светска војна. Во 1926 г., како унијат, е испратен на школување во унијатскиот интернат во Загреб, каде што е подготвуван за унијатски свештеник. Но доаѓа во судир со воспитувачите и во 1928 г. е истеран од интернатот. Со самоиздржување во 1932 г. ја завршува Ⅱ класична гимназија во Загреб и во следната година се запишува на Правниот факултет, што и го завршува во 1939 г. Наоѓајќи се во хрватската национално разбранувана средина, пројавува интерес за националното ослободување на македонскиот народ, што го доведува и до првото затворање во 1931 г. Активно се вклучува во движењето на македонската студентска младина во Загреб и станува член на СКОЈ (1935). Го добива органот на ВМРО(Об) „Македонско дело“ и го пропагира меѓу Македонците на Загрепскиот универзитет. Истовремено се наоѓа меѓу основачите и поактивните членови на тогаш основаното Македонско културнопросветно друштво „Вардар“ што развива поширока културно-национална активност. Се поведува акција за проучување на македонската историја и култура и за афирмација на македонскиот јазик. На 1. Ⅵ 1936 г. се донесува Резолуција за Македонија, правно формулирана од Б. Џ., и се организираат предавања на актуелни македонски теми и пробеми, па се формира Студентски македонски хор, кој во јули 1936 г. изведува успешна екскурзија со концерти во Македонија, иако на крајот концертите се забранети. Раководствата на македонските студенти од Загреб, Белград и Скопје на 28. Ⅷ 1936 г. организираат состанок во Охрид. На 30. Ⅲ 1937 г. во Загреб веќе е отпечатен првиот (и единствен) број на в. „Наш весник“ – орган на Друштвото <Вардар, што веднаш е и забранет и запленет. Насловот на весникот графички го изработил помалиот брат на Бориса, Кирил Џонов, што исто така се школуваше во Загреб. Во сите тие македонски манифестации Џ. зема активно учество. Во 1938 г. напишува леток на македонски јазик што е напечатен и испратен во Белград и во Македонија. Интензивно работи во Универзитетската библиотека, прави македонска библиографија и бара литература за Македонија. Тогаш ја наоѓа и картата на Македонија од Јаранов, колективно ја проучуваат, а тој ја донесува и во Струмица, што одигрува важна улога во будењето и организирањето на младината. Држи предавања во Народниот универзитет и ја буди младината. УШТЕ како ученик пишува поезија на српскохрватски, но само една од нив е напечатена (со потписот Боро). Соработува во хрватскиот напреден печат, а од дваесетината стихотворби на родниот јазик само две се објавени (под псевдонимот БОЏО) на еден прилично унифициран македонски јазик што знатно се разликува од неговиот роден говор. По завршувањето на студиите (1939) е земен на отслужување на воениот рок, а потоа и на воена вежба во Штип. По окупацијата на Македонија (1941) завршениот правник останува без работа и дури во март 1942 г. е назначен за кмет на родното Богданци. Но поради соработката со ослободителното движење, уште во истата година е отпуштен од службата и станува приправник во Струмичкиот суд. Во ноември 1942 г. е примен за член на Комунистичката партија и развива уште поголема националноослободителна активност. Наскоро е откриен од бугарските власти и на 13. Ⅴ 1943 г., заедно со група од 25 активисти, е затворен од струмичката полиција, но во измачувањата тешко му е повреден вратниот ”рбет и по тридневни маки умира. За да се скрие злосторот, го прогласуваат избеган и телото му е изгорено во варница, а родителите протерани низ Бугарија. БИБ.: стихови на српскохрватски: Пјесма о беспосленом раднику, „Глас омладине“, И, 5, Загреб, 14. Ⅺ 1935, 7; две стиховорби на македонски: Сечач, „Глас омладине“, Ⅱ, 11, Загреб, 22. Ⅺ 1936, 4; Памучна влачарница, „Глас омладине“, Ⅱ, 11, 22. Ⅺ 1936,5; статија: Македонска омладина пиšе хрватској омладини. „Изгреј зора на слободата…“ Дјеца 1914–1918 из Македоније, „Глас омладине“, Ⅱ, 11, 22. Ⅺ 1936, 5. ЛИТ.: Мито Теменугов-Железни, Ликовите на загинатите и умрените борци од Богданци, с.л., 1973, 20–33; Д-р Блаже Ристовски, Поетот Борис Џонов (1913– 1943) и Културно-просветното друштво „Вардар“ во Загреб, „Современост“, ЏЏИВ, 8–9, Скопје, 1974, 714–743; истиот, Борис Џонов, зб.: Македонскиот стих 1900–1944. Истражувања и материјали, И, Скопје, 1980, 172–174; Д-р Бранко Панов, Активноста на Боро Џони меѓу младината на Струмица во периодот меѓу двете светски војни, зб.: Струмица и Струмичко во Народноослободителната војна од 1941 до септември 1943 година, Струмица, 1980, 81–99; Блаже Ристовски, Поетот Борис Џонов (1913–1943) и Културно-просветното друштво „Вардар“ во Загреб, зб.: Пројави и профили од македонската литературна историја, 2, Скопје, 1982. Бл. Р. Илија Џонов