УЗУНОСКИ, Илија Томов

УЗУНОСКИ, Илија Томов (с. Смилево, Битолско, 10. Ⅲ 1951) – машински инженер, специјалист за уметничка фотографија. По завршувањето на основното и средното образование во Битола, го завршува Машинскиот факултет во Скопје и апсолвира на постдипломските студии на Градежниот факултет. Работи како главен проектант и директор на градежна фирма во Битола. Емигрира во Австралија (1987) и го завршува Колеџот за убави уметности на Универзитетот на Нов Јужен Велс во Сиднеј, каде што и магистрира по фотографија, скулптура и ликовна уметност. Учествува на неколку самостојни изложби во Сиднеј и во Битола и на групни изложби во Кина, Австрија и Русија. Има добиено врвни признанија на државно ниво како професионален уметнички фотограф. Работи врз проектите: „Македонската уметност во Сиднеј преку портрети“ (Македонците што творат во Австралија од разни области: сликари, музичари, скулптори, писатели, модни креатори и др.) и „Музиката во Сиднеј преку портрети“ (познати музичари од областа на класичната музика: композитори, диригенти, оперски пејачи, инструменталисти). Бл. Р.