ПРАВИЛА

ПРАВИЛА – УСТАВ НА МАКЕДОНСКИОТ ВОСТАНИЧКИ КОМИТЕТ (1878) – устав за раководење на Востанието до ослободувањето на земјата и до создавањето самостојна македонска држава. Со Уставот било определено Востанието од локално да се прошири на целата територија на Македонија. Во Востанието учествувале и можеле да учествуваат луѓето од Македонија што се чувствувале Македонци и кои сакале слобода за Македонија. Востаничките сили ја претставувале редовната македонска војска, составена од пешадија и коњица, организирана во капетании (од по сто редовни војници). Во македонската востаничка народна војска, освен од редовните единици, влегувало целото македонско население од ослободената и од неослободената територија, должно да придонесе за успехот на ослободителното дело. За борбеноспособното население се воведувала евиденција и систем за мобилизација. Со Уставот се уредувале: организацијата на граѓанската и на воената востаничка власт, ре-дот и безбедноста. Централниот комитет, како политичко тело, бил должен по Ослободувањето да подготви Устав за уредување на македонската држава, како автономна во рамките на османлиската држава или како самостојна. ЛИТ.: Зб. Правилата-Уставот на Македонскиот востанички комитет во Кресненското востание, Скопје, 1980. М. Мин. Неделениот весникПраво“ (Софија, 1894-1903)