ПОПОВ

ПОПОВИЌ-ЃОКО, Душко (Врање, Србија, 1913 – Тиранскиот затвор, Албанија, 17/18. Ⅴ 1943) – професор по филозофија, комунистички деец и организатор на НОБ. Потекнувал од чиновничко семејство, доселено во Скопје, каде што завршил гимназија и Филозофски факултет, а потоа пријавил докторска дисертација на Белградскиот универзитет (од областа на педагогијата). Пројавил и книжевни амбиции. Како член на СКОЈ и КПЈ, бил уапсен (кон крајот на 1934) и осуден на една и пол година, а казната ја издржувал во затворот во Сремска Митровица. По излегувањето од затвор ја организирал првата средба на студентски претставници од сите градови на Македонија. Бил еден од организаторите на пријавувањето доброволци за одбрана на Чехословачка, на демонстрациите против италијанската окупација на Албанија, на мартовските демонстрации во Скопје (1941) и сл. Како обележан комунист, до Априлската војна (1941) не можел да добие државна служба, а по окупацијата преминал во илегалство и дејствувал во Скопје и во Западниот дел на Македонија на организирање на НОБ. Најдолго се задрДушко Поповиќ -Ѓоко жал во Гостивар, Дебар (почетокот на 1942) и Дримкол. Тој е еден од организаторите и политички комесар на Мавровскиот НОПО „Кораб“ (формиран во почетокот на 1943). По опколувањето на Одредот во Ново Село (Гостиварско) од италијански карабинери и балисти, со десетината заробени партизани бил спроведен во Тиранскиот затвор, каде што на шестмина од нив им биле изречени и извршени смртни пресуди со бесење (11. Ⅴ 1943). БИБ.: Литература и песници, „Венац“, св. 1, Београд, 1928; Омладина и љубав, „Венац“, 2, Београд, 1929; Циганинот Рама Дурмиш, сп. „Помол“, Скопље, 1931– 1932; Жабокречина, Алманах СЈСУ Жупе за Ј. Србију, Скопље, 1932, 66–72. ЛИТ.: Јаким Синадиновски, 1943 во Тиранскиот политички затвор, „Нова Македонија“, Скопје, 11. Ⅹ 1953; Дејан Алексиќ, Душан Поповиќ-Ѓоко, „Нова Македонија“, Скопје, 17-19. Ⅴ 1959; Томе Буклески, Бесилката се заниша како сува гранка, „Нова Македонија“, Скопје, 11. Ⅹ 1968; Дејан Алексиќ, Душко Поповиќ-Ѓоко, Скопје, 1985. С. Мл. Златка Поповска